Американскиот Врховен Суд донесе одлука со која ја ограничи моќта на судиите да ги блокираат извршните наредби на Претседателот Доналд Трамп на национално ниво.
Судот расправаше за оваа тема по судските забрани на извршната наредба на Трамп за ставање крај на правото за доделување на државјанство преку раѓање на американска територија на децата на илегалните имигранти.
Федералните судии кои ги донесоа одлуките за забрана на извршната наредба на Трамп, тоа го направија затоа што сметаа дека таа е во директен судир со текстот на 14-тиот амандман на американскиот устав – кој гласи дека: „сите лица кои се родени или натурализирани во Соединетите држави и се под нивна јурисдикција, се сметаат за граѓани на Соединетите држави“.
Со денешната одлука на Врховниот Суд не се коментира уставноста на извршната наредба на Трамп, прашање кое веројатно исто така подоцна ќе мора да биде разгледувано од овој Суд.
Одлуката на Врховниот Суд беше донесена по идеолошки линии со мнозинство од 6 гласови и 3 против.
Мнозинството во Врховниот Суд им припаѓа на конзервативните судии а самиот Трамп, лично именуваше тројца од деветте судии.