Месец дена по последната синдикална кошничка, Владата ниту формираше економско-социјален совет, ниту изработи сопствена. Министерот за економија и труд Бесар Дурмши критикува дека синдикалната содржи производи кои не се неопходни. Најавува дека владината ќе се пресметува врз основа на просечните цени во неколку маркети и ќе се однесува на четиричлено семејство, а не како што претходно најавуваа дека ќе биде за тричлено.
„Таа потрошувачка кошничка што ја објавуваат синдикатите не е реална. Таа не е соодветна бидејќи тие бројки не се точни. Во делот на храна и пијалаци имаат ставено производи кои во одреден временски период не се трошат и производи кои не ни треба да бидат во таа кошница туку во друга“, изјави Бесар Дурмиши, министер за економија и труд.
Од ССМ, пак велат нивната кошничка е пресметана според реалните потреби на едно четиричлено семејство. Тие предупредуваат дека владината верзија ќе биде алатка за оправдување на минималната плата, наместо реален показател за животниот стандард.
„Не би кажал дека имаме ставено сезонски или не овошја и зеленчук и мислам дека цените се скоро исти и во зима и во лето. Гледаме дека инфлацијата оди во пораст, имаме зголемување на кошницата за мај и јуни за околу 1.600 денари. Така да она законско зголемување на минималната плата инфлацијата веќе го изеде. Што ќе прават тие работници до март наредната година“, објасни Љупчо Радовски, ССМ.
Доколку дојде до нов бран на покачување на цените, министерот најави враќање на краткорочни мерки како замрзнување на цени и маржи. На долг рок, фокусот ќе биде ставен на поддршка на домашното производство, со јасно обележување на домашните производи во маркетите.
Според последните податоци, синдикалната минимална кошничка за мај изнесува 64.698 денари.
Тамара Марковска