Премиерот Христијан Мицкоски најави дека следува интензивна политичка борба за усвојување на извештајот за Македонија во Европскиот парламент, кој на пленарна седница треба да се најде меѓу 7 и 11 јули. Откако извештајот на европратеникот Томас Вајц беше усвоен во Комитетот за надворешни работи, Мицкоски изрази задоволство, но и скепса дали ќе се обезбеди потребната поддршка за финално изгласување, посочувајќи дека постојат најави за нови амандмани и обиди за менување на неговата содржина.
Во извештајот јасно се повикуваат властите во Скопје да спроведат уставни измени, да го зајакнат владеењето на правото и борбата против корупцијата, но се споменуваат и македонскиот идентитет и јазик. Мицкоски оцени дека борбата за признавање на идентитетските прашања сè уште не е завршена и дека оваа тема ќе се покрене и на меѓународни форуми како НАТО и Хаг, каде што, според него, треба да се одговори дали некоја членка ја попречува евроинтеграцијата на друга земја.
Од друга страна, лидерот на СДСМ, Венко Филипче смета дека и покрај тоа што извештајот е усвоен, тоа претставува дипломатски пораз за Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Тој нагласи дека македонскиот јазик веќе бил зацементиран во преговарачката рамка преку францускиот предлог и договорот со ФРОНТЕКС и оттука нема потреба за нова борба.