Нападите на американската војска врз три ирански нуклеарни постројки викендот не ги уништија клучните компоненти на нуклеарната програма на Техеран и веројатно го забавија процесот за неколку месеци, покажуваат првичните проценки на американската разузнавачка заедница што за „Си-Ен-Ен“ ги опишаа четири извори запознати со содржината на документот.
Проценката ја изготви Разузнавачката агенција на министерството за одбрана (DIA) и се темели врз основа на штетите што по нападот ги спроведе Американската централна команда (CENTCOM), рече еден од изворите.
Анализата сè уште трае и би можела да се промени како што ќе стигнуваат нови информации. Меѓутоа првичните наоди се спротивни на тврдењата на претседартелот на САД, Доналд Трамп кој во повеќе наврати изјави дека „нападите целосно ги уништија“ иранските постројки за збогатување на ураниум. Но, два извора запознати со извештајот тврдат дека залихите на збогатен ураниум не се уништени, а еден од нив нагласи дека најголем дел од центрифугите останале „недопрени“.
„DIA проценува дека САД успеале да ја забават иранската програма можеви за неколку месеци и тоа во најдобар случај“, истакна еден од изворите.
Израел во претходните денови изведе повеќе напади врз иранските нуклеарни постројки, но тврдеше дека за довршување на на операцијата се потребни американски бустер-бомби 13,600 килограми. Американски бомбардери од типот Б-2 фрлија 10 такви врз две нуклеарни локации – Фордо и постројката за збогатување на ураниум во Натанз. Сепак, според проценки на изворите, штетата е ограничена на објекти над земја, вклучително и енергетска инфраструктура и погони за преработка на ураниум во метал за изработка на оружје.
Исфахан не е погоден со бункер-бустер бомби, туку со крстосувачки ракети „Томахавк“ истрелани од американски подморници, наведува еден од изворите. Причината е во верувањето дека бомбите не би успеале да пробијат подлабоко во подземните нивоа на Исфахан кои се ископани подлабоко и од оние во Фордо. Според два од четирите извора на „Си-Ен-Ен“, американските разузнавачки служби веруваат дека Иран поседува тајни нуклеарни постројки кои не беа мета на нападот и кои и натаму остануваат оперативни.
Двата затворени брифинга за операцијата во двата дома на Конгесот кои беа закажани за денеска се откажани. Брифингот за Сенатот, според два извора, е поместен за четврток, а брифингот за сите членовина претставничкиот дом е одложен без јасна причина и нов термин.
„Трамп тукушто го откажа тајниот брифинг за нападите врз Иран за Претставничкиот дом без никакво објаснување. Вистинската причина? – Тврди дека ги уништил „сите нуклеарни постројки и капацитети“, неговиот тим знае дека не може да го поткрепи тоа и затоа бегаат од вистината“, напиша Пет Рајан, демократски пратеник од Њујорк, на платформата Икс.