Вести Македонија Најважни

Доживотен затвор за Палевски, Манев, Видевски и Кешишев, ослободен Ѓорчевски

Доживотен затвор за Љупчо Палевски-Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски. Судијата Ивица Стефановски денеска во Кривичниот суд ја изрече пресудата за свирепите убиства кои ја шокираа јавноста и кои беа извршени на 22 ноември и на 27 ноември 2023 година.

„Судот секој обвинет поединечно и тоа обвинетиот Велибор Манев, обвинетиот Боре Видевски, обвинетиот Влатко Кешишев, обвинетиот Љупчо Палевски ги осудува на единствена казна доживотен затвор“, рече судијата Стефановски.

Таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски е ослободен, бидејќи обвинителството не го докажало делото за кое се товареше, помогање во грабнувањето на Вања.

„Изречените доживотни казни затвор за Манев, Видевски, Кешишев и Палевски се доказ дека ниту еден сторител нема да остане скриен во сторување на вакви грозоморни кривични дела, дека и покрај испланираното до детали убиство и на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски обвинетите си ја добија заслужената казна затвор. Ова е доказ дека сепак правдата излегува на површина“, изјави обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска. 

Нејзината колешка  Ана Стојковиќ Димитриевска најави жалба на ослободителната пресуда за Ѓорчевски.

„Неспорен факт кој што стои за овој обвинет е дека  само родителите знаеле дека детето тој критичен ден ќе оди само во училиште. Двајца од обвинетите сведочеа дека токму таткото ја споделил таа информација, преку Палевски. Без таа информација, не би дошло до грабнување и до последователниот исход. Обвинителството не можеше да премине преку тој факт“, рече обвинителката Стојковиќ Димитриевска.  

Владимир Туфегџиќ, адвокатот на Ѓорчевски смета дека нема простор за победничка еуфорија затоа што судот донел законита одлука.

„Оваа одлука по своја суштина е празна затоа што не ги одбивме одговорите на прашањата зошто е киднапирано и убиено ова дете. Не добивме одговор зошто по секоја цена се инсистираше да Александар биде дел од оваа постапка, иако од прв момент се знаеше дека нема ниту еден доказ“, посочи Туфегџиќ.

Инаку судот сметаше и дека немало доволно докази за грабнувањето на Жежовски и за ова дело не беа осудени четворицата обвинети. Адвокатите на Палевски и на Видевски изјавија дека пресудата е донесена без никакви докази и најавија жалби.

„Како што почна така заврши овој циркус. Обвинителството без ниту еден доказ. Судот врз основа на напишаното во обвинителниот акт ја прочита пресудата. Да имаше барем еден разумен сомнеж кој наликува на доказ ќе беше добро за да имаме вакви пресуди“, рече Јовица Страшевски, адвокат на Палевски.

„Во својата објава судот ги ослободува обвинетите од грабнување на Панче Жежовски. Јас би прашал како го убиле а не го грбанаа“, изјавиБојан Манев, адвокат на Видевски. 

И адвокатот на Кешишев најави жалба, бидејќи судот не ги земал в предвид олеснителните околности.

Доколку не бил Кешишев немало да бидат пронајдени телата, ниту пак начинот на извршпување на грабнувањата. Судот не поклони доволно верба на исказот на Кешишев дека истиот дејствувал од страв и по наредби на обвинетиот Палвески, додаде Игор Ефремов.

Судењето кое на моменти беше тешко за следење и слушање траеше десет месеци. Осудените остануваат во притвор до правосилност на пресудата.

Марија Митевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Трамп не се согласува со американските разузнавачи

Дејан Дејан

СДСМ: Министерството за правда ја саботира реформската агенда!

Дејан Дејан

Туфегџиќ: Oдлуката за ослободување на Александар е законита, но празна, институциите не одговорија на суштинските прашања

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе