Државниот завод за ревизија утврди сериозни слабости во финансиското работење на Општина Центар за 2023 година. Според извештајот, општината има ненаплатени побарувања од над 4,4 милиони евра, без утврдена рочна структура или правна можност за наплата.
Дополнително, во делот на јавните набавки се констатирани бројни неправилности кои го нарушуваат принципот на конкуренција и транспарентност, предвиден во Законот за јавни набавки, стои во извештајот на ревизорите.
Во текстот се посочува дека значаен дел од средствата за спорт биле доделени на само еден клуб – „Работнички“, додека останатите спортски субјекти добиле минимална поддршка. Исто така, плаќани се адвокатски услуги и зимско одржување без соодветна документација за извршена работа.
Изградбата на градинка и реконструкцијата на улици и јавно осветлување се изведувале без соодветна проектна документација и технички прием, а склучувани се анекс-договори со непредвидени и нејасно објаснети измени.
Поради обемот и сериозноста на утврдените неправилности, ревизорите изразиле мислење со резерва за финансиските извештаи на општината, а за усогласеноста со законската регулатива изразиле неповолно мислење.