По нападите врз Иран кои американскиот претседател Доналд Трамп ги нарече „полн погодок“ и јавно иницираше идеја за нов ирански режим. Претседателот на Русија, Владимир Путин на итен состанок со иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи. Путин кажа дека Русија вложува напори да му помогне на иранскиот народ.
„Имаме долготрајни, добри, доверливи односи со Иран. Од наша страна, правиме напори да обезбедиме помош за иранскиот народ. Како што знаете, имав телефонски разговор со претседателот на Соединетите Држави и премиерот на Израел, со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, со претседателот на вашата земја“, истакна Владимир Путин, претседател на Русија.
Арагчи, исто така, рече дека Москва и Техеран постојано се консултираат за сите теми, вклучително и прашањата за глобалната безбедност.
„Овие агресивни дејства на Израел и на САД се целосно нелегитимни и ги нарушуваат меѓународните правила и меѓународните норми. Нашата одбрана е легитимна. Ѝ благодариме на Русија за нејзините точни и цврсти ставови во осудување на нападите. Русија денес е на вистинската страна на приказната и меѓународното право“, рече Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.
Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија, Рафаел Гроси, соопшти дека има „многу значителни оштетувања“ на иранскиот нуклеарен објект „Фордо“ по американските напади и побара од иранските власти да дозволат инспекции на местото на нападите, истакнувајќи дека неговите тимови се подготвени веднаш да реагираат.
Израелскиот премиер пак Бенјамин Нетанјаху ги поздрави нападите и му се заблагодари на Трамп за поддршката во одбраната на Израел и глобалната безбедност“.
„Претседателот Трамп не постави никакви услови. Морам да кажам дека ова не е природата на нашиот однос. Зборуваме отворено. Зборуваме како пријатели, вистински пријатели. И тој е одличен лидер. Но, тој ги носи одлуките за Америка. Дали знаев? – Да, знаев однапред. Тоа е природно. Исто како што тој знаеше однапред кога ние ќе дејствуваме, така и ние знаевме однапред кога тој ќе дејствува“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Со почнувањето на операцијата „Полноќен чекан“, нападот врз трите клучни ирански нуклеарни постројки „Фордо“, Натанз и Исфахан беше најголемата оперативна акција на бомбардерите Б-2 досега. Тие испуштиле 14 бомби за разбивање бункери, секоја тешка по 13,6 тони, а во целата операција учествувале 125 воени авиони.
Кристина Николова Кузмановски