Европските министри за надворешни работи се силно фокусирани на дипломатско решение за ескалацијата во Иран, изјави високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, во Брисел.
Калас предупреди дека последиците од иранска одмазда по американските напади врз нуклеарни локации се „огромни“, особено ако Иран го затвори Ормускиот Теснец, што, како што рече, „би било екстремно опасно и неповолно за сите“.
„Потребно е дипломатско решение за да се обезбеди долгорочна стабилност,“ нагласи Калас, еден ден откако САД се приклучија на израелскиот конфликт со Иран со напади на три нуклеарни објекти.
Министрите на ЕУ денеска во Брисел дискутираат за повеќе безбедносни прашања, вклучувајќи ја состојбата во Украина, Газа, Блискиот Исток и Иран.
Калас најави и дека ќе се разгледа членот 2 од Спогодбата за асоцијација со Израел, кој предвидува проценка на усогласеноста на земјата со човековите права и демократските принципи.