Иранскиот амбасадор во Обединетите нации, Амир Саеид Иравани, синоќа изјави дека иранската армија ќе го одреди „временскиот момент, природата и размерот“ на одговорот на неговата земја на американските и израелските напади.
Говорејќи на итна седница на Советот за безбедност на ОН, Иравани остро ги обвини САД дека со воздушните напади врз Иран „одлучиле да ја уништат дипломатијата“ и ја поткопале можноста за мирно решение.
Изјавата доаѓа по ударите на САД врз трите клучни ирански нуклеарни локации – Фордо, Натанз и Исфахан. Блиски сојузници на САД ги повикаа Вашингтон и Техеран да се вратат на преговарачката маса, предупредувајќи дека последните случувања ја зголемуваат опасноста од поширок регионален конфликт.
Некои земји и организации во регионот, вклучително и групи што се сметаат за блиски до Иран, ги осудија американските напади, но повикаа на воздржаност и деескалација.