По една година Македонија е во слепа улица со власта на ВМРО-ДПМНЕ. Вака лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ја оцени првата година од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН на партиската трибина одржана под името „Македонија понижена“ при што рече дека власта работи за своите интереси и дека нема план, волја, стратегија, како земјата да стане членка на Европската унија и каде се движи како нација.
„За жал владата фаќа друг пат, во непознат правец. Оваа несигурност, оваа бесперспективност ќе биде погубна за иднината на државата и за нашите граѓани. Наместо заедно сите да се интегрираме, очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ сака еден по еден да го бираме патот кон Европската унија“, рече Филипче.
Филипче набројувајќи во што сѐ потфрлила владата во изминатата година, како неспроведување на реформи во судството, задолжување на земјата за нови седум милијарди евра, закочување на патот на евроинтеграциите, ја спореди сегашната со претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ.
„Вистината е болна, а вистината е дека добивме влада иста таква каква што граѓаните со револуција еднаш сменија. Влада која работи за себе и за оние околу себе, а граѓаните ги остава сами. Влада која манипулира и која ги лаже дека живеат добро додека реалноста е тешка и неподнослива. Добивме влада која за една година ги заборави луѓето, покажа бесчувствителност, ароганција и целосна негрижа за оние на кои треба да им служи“, рече Филипче.
Филипче за една година од владата зборуваше и за понудената рака од СДСМ до владата за заедничко носење на реформските закони, но оти тоа досега не дало резултат.
Тој побара од Министерството за правда да ги прифати забелешките кои ги дале на седум реформски закони.
Сепак отфрли повлекување на СДСМ од работните групи за реформските закони, бидејќи, како што рече, станува збор за интерес на државата и тие ќе бидат конструктивна опозиција.
Во контекст на евроинтеграциите рече дека обидите на владата за подобрување на преговарачките позиции на Македонија се лага и пропаганда, бидејќи јазикот и идентитетот се целосно потврдени и обезбедени во сите документи кои се дел од Францускиот предлог.
Според Филипче, владата не сака да ја види Македонија во Европската унија.
За претстојните локални извори Филипче денеска најави дека во наредните недели, како партија, ќе ги објават преостанатите кандидати на градоначалници за што сѐ уште се прават анализи, а за Град Скопје, рече дека во игра се седум – осум кандидати.
Тамара Грнчароска