Не можеме да преговараме за нашата нуклеарна програма додека трае израелската агресија, изјави шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, кој по вчерашните разговори со шефовите на повеќе европски дипломатии, учествува денеска во работата на средбата на организацијата за исламска соработка во Истанбул.
Тој повторно демантираше дека официјален Техеран барал да преговара со Белата Куќа, предупредувајќи за можните последици доколку претседателот Трамп одлучи САД да се придружат на нападите против Иран.
„Јас не можам да преговарам со Соединетите држави, кога нашите луѓе се бомбардираат, со поддршка на САД. Дојдовме, за жал, до заклучок дека Соединетите држави е дел од оваа агресија од почетокот. Знаете, тие негираат, велат дека не се инволвирани. Но, имаме многу индикации дека се инволвирани од почеток. За жал, слушаме дека САД може да станат дел од агресијата, што би било многу несреќно и мислам дека ќе биде многу, многу опасно за сите“ – изјави иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи.
Турскиот лидер, Реџеп Таип Ердоган, кој се сретне со иранскиот дипломат, денеска оцени дека најголемата пречка за мирот во регионот е Израел.
„Израелските напади на Газа, Либан, Јемен, Сирија и најскоро Иран може да се опишат како чин на бандитизам. Мерките кои ги презеде Иран во самоодбрана за заштита на својот народ против израелскиот државен тероризам се целосно природни, легитимни и легални“ – порача турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган.
Еврејската држава продолжи со нападите против иранските нуклеарни центри и повторно елиминираше високо рангирани команданти на исламската република, во втората недела од воените судири меѓу Израел и Иран.
Убиен бил Саад Изади, командант во силите Кудс кои се дел од Исламската револуционерна гарда, кој бил задолжен за помош на палестинските групи како Хамас. Тој бил убиен во својот дом во градот Ком.
Бехнам Шахријари, лидер на единицата 190, бил елиминиран со дрон во својот автомобил, на автопат во западен Иран.
„Уште еден значаен атентат денеска во западен Иран, го елиминиравме Шахриари. Шахриари беше командант на единицата за трансфер на оружје во Кудс единиците на Исламската револуционерна гарда. Снимката на неговото елиминирање е на екран. Шахриари беше одговорен за трансфер на оружје до Хезболах и неговите сили низ Блискиот Исток“ – информираше бригадниот генерал на израелската армија, Ефи Дефрин.
Овие атентати, кои се продолжување на елиминациите на повеќе воени лидери на Иран уште во првиот ден од израелските напади само дополнително укажуваат на ранливоста во иранските разузнавачки служби и степенот до кој тајната Израелска служба Мосад се инфилтрирала во иранскиот безбедносен систем.
Предупредувањето на поранешниот ирански претседател, Хасан Рухани, до ајатолахот Хаменеи дека -цитирам – „Мосад е поблиску до нас од нашите сопствени уши“, сега е релевантно како никогаш досега.
Иран возврати со нов бран напади со дронови и проектили против Израл, но нема информации за поголема материјална штета. Израелските одбранбени сили го опишуваат како мал бараж, кој во најголем дел бил уништен од противвоздушната одбрана.
Дел од причините поради кои Иранските ракетни напади се релативно мали се затоа што израелските авиони ги таргетирале лансерите на проектили и според проценките на Тел Авив, досега се уништени повеќе од 50 проценти од нив.
Никола Илиевски