Вести Македонија Топ вести

Инертни институции – мачени и убивани животни

Ова е Бисера, кобила чиј грб не издржал под товарот на дрва со кои била товарена да ги носи од планината до населба во Кичево.

Таа не е прва во низата на коњи кои поради негрижа и злоупотреба од сопственикот завршила трагично, со скршен грб, неподвижна и во агонија.

Според информациите на Телма, кичевецот сопственик на Бисера бил пријавуван и во Агенцијата за храна и ветеринарство и во полиција за мачење на коњите, но и за нелегална сеча на дрва, но и покрај нивните интервенции, Бисера не е спасена од смрт, а тој веќе има нов коњ кој ја зaменил Бисера за влечење дрва од планината.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство за Телма информираат дека во процедура е пријавата против сопственикот на Бисера за загрозување на благосостојбата на коњите кои ги поседува.

Законот за благостојба на животни предвидува лицата кои се одговорни за животните дека треба да ја штитат нивната благосостојба меѓу другото и да ги заштитат од болка, повреда или болест.

Сепак Законот не предвидува трајна забрана за поседување на животни доколку се утврди негово прекршување, туку може само да се одземе животното за кое во моментот ќе се утврди дека му е загрозена благостојбата.

Мачење на животно пак е регулирано во Кривичниот законик во Член 233.

„Тој што грубо злоупотребува животно или го изложува на непотребни маки или му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање, ќе се казни со парична казна или со затвор до шест месеци“, се наведува во Кривичниот закон.

И додека се чека кој за што е надлежен и каква мерка треба да се изрече приказната на Бисера заврши трагично, но и на уште илјадници други коњи, кучиња, мачиња, па дури и штркови, чиј крик за спас ретко се слуша, а за кои постапувањето на институциите, од општините, преку АХВ и полицијата, но и обвинителството и судовите, не е доволно брзо за да ги спаси.

Дел од активистите за заштита на животните во поглед на благостојбата на животните сметаат дека Македонија тапка во место, пред се во делот на спроведување на законите и едукацијата на граѓаните, додека постапувањето на институциите го оценуваат како многу слабо.

„Можеме да кажеме дека изминативе четири години, од она што го зедовме како статистика, во однос на мачење и малтретирање на животните, по однос на благостојбата на животните се изречени само 44 казни во четири години, односно по 0,5 казни по однос на инспектор во Македонија во однос на благосостојбата на животните. Така што тоа е премалку“, вели Столе Велковски, активист и дел од „Лајка“

Според Велковски, потребни се и нови законски решенија кои ќе одат во насока на измена на казните од прекршочни во кривични, особено за напуштањето на домашните миленици, но и за зголемување на ингеренциите на институциите за контрола на домашните животни, и можеби клучно, колку од домашните миленици се чипирани.

Истовремено дел од институциите пак не ги користат законски можности кои ги имаат за контрола на благостојбата на животните.

„Општините многу малку излегуваат на терен иако комуналните редери и комуналните инспектори од другите институции имаат надлежност да проверуваат на терен, дали кучињата се чипирани, далис е чувани на ланец, дали се соодветно згрижени. Ништо од тоа, реално, не се прави во државата. Односно општините сами по себе  многу малку излегуваат или воопшто не излегуваат на терен да ја контролираат ситуацијата на терен, а од друга страна законските обврски на Агенцијата за храна и ветеринарство не им дозволуваат да влегуваат во секој дом“, вели Велковски.

Според него проблем е и тоа што не постојат посебни комунални одделенија кај општините кои би се занимавале само со контрола на благосостојбата на животните, по примерот на Хрватска, туку секоја институција има свои инспектори, кои контролираат повеќе области, со испреплетени ингеренции и меѓусебна зависност.

За проблемот со бездомните животни, пред се на кучињата, како највидливи по населените места, Велковски е на став дека институциите како „Лајка“ ги решаваат само нус појавите на неодговорното сопствеништво, за кое казните се парични.

Во Хрватска за напуштање на домашен миленик предвидена е затворска казна од една година,  додека во Обединетото Кралство казната изнесува над пет илјади британски фунти за неодговорниот сопственик.

Во Хрватска е зголемена и казната за оние што малтретираат животни од користољубие, од две на три години затвор.

Во земјава во процедура се два предлози за измени на Законот за благостојба на животните.

Едниот е на АХВ и во моментов е во Секретаријатот за законодавство, владината служба за проверка на законите, додека другиот предлог-закон е во собраниска процедура од март минатата година, поднесен од Либерално демократската партија.

Активистите за заштита на животните бараат и законски измени на Кривичниот законик за зголемување на казните за малтретирање и убиство на животно.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) – Десетти „Марш за ангелите“ во Кочани

Дејан Дејан

Жителите на радовишките села Бучим и Тополница бараат изградба на ветениот водовод

Дејан Дејан

Иран: Влегувањето на САД во конфликтот би било опасно за сите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе