Во Основниот Kривичен суд Скопје денеска ќе се одржи клучното рочиште за случаите на грабнувања и свирепи убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. Завршни зборови ќе даде адвокатот на првообвинетиот Палевски, Јовица Страшевски, а потоа и обвинетите Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски.
Јавното обвинителство побара доживотни казни затвор за четворицата обвинети за киднапирање и убиство, додека за таткото на Вања, кој се товари за помагање при грабнувањето на сопствената ќерка, побара соодветна казна затвор.
Одбраната, пак, тврди дека дел од обвинетите немале претходен договор за убиство и побара нивно ослободување од ова обвинение. Дел од адвокатите бараа нивните клиенти да бидат осудени само за киднапирање, а некои и целосна ослободителна пресуда.
За таткото на Вања, одбраната инсистира дека нема ниту мотив, ниту доказ за негова вина, туку дека тој е жртва, а не соучесник. Судењето е при крај, а доколку денешните излагања се завршат како што е предвидено, судот ќе ја соопшти пресудата на следното рочиште.