Наместо во болнички кревет, добиле дијагноза во ходник. Веќе неколку недели 77-годишен неподвижен маж и неговиот син се обидуваат да добијат соодветна здравствена помош, но никој не ги примал.
Велат, првиот пат за помош затропале во градската болница „8-ми Септември“, оттаму ги препратиле во хируршкиот центар „Св. Наум Охридски“, но залудно.
Синот, Небојша Додевски, раскажува дека за него ова не е само борба за татко му – туку и за сопствениот живот, бидејќи и самиот оди на дијализа трипати неделно. Последниве денови, тоа вели станало речиси невозможно.
„Јас немам бубрези веќе девет години и не мокрам туку морам да одам на дијализа. Сега имам големи обврски за грижа на татко ми, но мене се тоа не ми е проблем, ако треба ќе го качам на грб и на планина ќе го однесам, ама мене ме нервира што не праќаат кај неспособни вработени од едни на други врати каде што јас се изморувам и физички и психички“, изјави Небојша Додевски.
Како последна опција за соодветна здравствена нега, биле упатени во Општата болница во Велес, но и таму биле одбиени, без воопшто да го прегледаат татко му.
„Докторите и сестрите кои беа во моментот во болницата се чудеа што барате вие од Скопје кога ние таму ги праќаме пациентите. После неколку операции слезе долу сестрата, а не докторот. И велам на сестрата еве упат од матичната што ме прати овде и плус извештај од докторот од градската болница. Таа ми одговори не ме интересира мене тоа требаат повеќе снимки и очигледно беше дека сака да не врати назад“, додаде Додевски.
Разочарани, се вратиле дома. Но притисокот од јавноста и барањата за одговор од болниците и од Министерството за здравство, конечно се повикани на преглед.
Штом прашањата за овој случај пристигнаа до институциите – телефонот на Небојша заѕвони. Од велешката болница му соопштиле дека организирале неговиот татко со возило на Итна помош да биде донесен во велешката болница, каде претходно го одбиле.
Директорот на болницата за Телма објаснува зошто таткото на Небојша не бил примен на лекување таму. Тврди дека истиот ден докторот имал повеќе операции, а во меѓувреме Небојша и татко му си заминале. Ветува дека сега ќе ја добие потребната лекарска грижа.
Од старата Градска „Св. Наум Охридски“ ни кажа дека му направиле преглед на пациентот, но тој бил препратен на лекување во Велес бидејќи така е договорено со Министерството за здравство поради ризик од инфекции и бидејќи таму се лекуваат повредените од пожарот во Кочани.
Од Министерството за здравство пак ни одговорија дека по прашањата на Телма адресирани до нив, тие веднаш оствариле контакт со семејството и договориле пациентот да биде згрижен во општата болница во Велес.
„Пациентот ќе биде згрижен во Општата болница во Велес, што служи како Центар за оперативни третмани на пациенти со хронични рани и дијабетично стапало. Таму ќе му бидат извршени сите прегледи испитувања, со цел утврдување на неговата здравствена состојба и натамошното лекување“, соопштија од Министерство за здравство.
Небојша Додевски се надева дека нема повторно да се соочи со истиот проблем, во понатамошното лекувањето на татко му и се надева дека никој нема да го помине тоа што тие го преживеале.
Тамара Марковска