Откако американските медиуми пренесоа дека Трамп веќе одлучил да го нападне Иран и предвидуваа дека тоа ќе се случи многу бргу, Белата Куќа денеска испрати порака на шефот на американската државата со која се подотвора вратата на дипломатско решение.
„Имам порака директно од претседателот, и цитирам: врз основа на фактот дека има голема шанса за преговори со Иран кои можеби ќе се случат а можеби и нема да се случат наскоро, одлуката за тоа дали ќе нападнеме, ќе ја донесам во наредните две недели“ – ја прочита пораката од Трамп, неговата портпаролка, Керолин Левит.
Се разбира, досегашното искуство со шефот на американската држава е дека тој може многу бргу, преку неколку објави на социјалните медиуми, да испрати драматично поинакви пораки и да го промени својот став.
Израел и Иран продолжија и денеска со меѓусебните напади.
Официјален Тел Авив соопшти дека повеќе од 270 луѓе биле повредени во иранските ракетни напади.
Особено критична беше ситуацијата во болницата во градот Бершиба , која беше погодена со проектил лансиран од Иран. Иако за среќа поголем дел од пациентите биле евакуирани, сепак повеќе од 70 луѓе биле ранети во денешниот напад.
Израелскиот владин врв гневно реагираше на иранскиот напад. Министерот за одбрана Израел Кац по денешните напади порача дека иранскиот врховен лидер Ајатолахот Али Хаменеи не смее да остане жив. Премиерот Нетанјаху е шокиран дека Иран напаѓа цивили и деца.
„Ние напаѓаме воени цели, напаѓаме нуклеарни цели, места од каде лансираат проектили. Тие напаѓаат болница. Во оваа болница, има пациенти кои се неподвижни, не можат да се движат. Веднаш до нив, има одделение за деца, за бебиња. Тие го напаѓаат“ – изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
Нападите против болниците секако се грозморни. Во рамките на својата офанзива во Газа, Израел, под раководство на Нетанјаху уништи огромен дел од болници во палестинската територија, под изговор дека во нив оружје и свои припадници крие Хамас. Убиени беа над 57 000 палестинци а 80 проценти од нив се цивили, најголем дел од нив, жени и деца.
Во текот на минатата ноќ Иран го изврши досега најголемиот ракетен напад врз Израел, лансирајќи помеѓу 20 и 30 балистички ракети, во два бранови. Болницата Сорока била погодена во вториот бран, околу 7 часот утрото.
Претходно, израелското воено воздухопловство бомбардираше повеќе локации во Иран, меѓу кои и комплексот за производство на тежок водород во Арак.
Никола Илиевски