Расте бројот на жртви од руските напади во Киев. Сè уште се извлекуваат и тела од под урнатините. Бројката на починати се искачи на 24, а повредени се над 130. Според украинските служби за итни случаи, нападот бил насочен кон 27 различни локации во градот. Во офанзивата биле употребени дури 440 дронови и повеќе од 30 ракети, што ја прави оваа офанзива една од најобемните досега.
„Јас живеам во оваа зграда, а таму живееше и мојата колешка, готвачка. Таа живееше на вториот кат од овој седми влез. Не знам дали е жива. Таа живее таму со нејзиниот зет. Сега се обидувам да дознаам“, изјави жителка на Киев.
„Останавме без прозорци и врати, но сме живи. Зборовите не можат да го опишат ужасот од сето тоа“, вели нејзија сограѓанка.
„Опасните структури што би можеле да се урнат во иднина ќе бидат срушени, или од работници или од комисија. Операциите за пребарување сè уште се во тек за да се пронајдат луѓе кои можеби починале или сè уште се живи“, вели Светлана Водолага од државната служба за вонредни состојби на Украина.
Високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас порача дека Русија веќе е директна закана за Европската Унија. Таа предупреди на акти на саботажа, кибер-напади, како и зголемено воено трошење кое ги надминува трошоците на сите 27 земји-членки на ЕУ заедно.
„Европа е нападната. А нашиот континент се наоѓа во свет што станува сè поопасен секој ден. Но, волјата на Европа да дејствува заедно е реална. Во текот на изминатите седум децении, изградивме заеднички пазар, силна европска економија и нескршлив европски дух. Дали беше тешко? – Секако дека беше. Имаме 27 демократии. А гласовите во оваа сала само нагласуваат колку различни мислења има во Европа. Но, она што нè обединува, она што мора да продолжи да нè обединува, е нашата цел да ги заштитиме нашите граѓани“, изјави Каја Калас, висока претставничка на Европската Унија.
Американскиот Стејт департмент денеска потврди дека еден американски државјанин загина во овој руски напад врз Украина… Портпаролката Тами Брус изрази жалење и сочувство до жртвите и нивните семејства и претседателот Доналд Трамп претходно апелираше за запирање на насилството.
„Свесни сме за синоќешниот напад врз Киев, кој резултираше со бројни жртви, вклучувајќи ја и трагичната смрт на еден американски државјанин. Ги осудуваме тие напади и им изразуваме најдлабоко сочувство на жртвите и на семејствата на сите погодени“, рече Тами Брус, портпарол на Стејт департментот.
Украинските власти прогласија Ден на жалост за жртвите од нападот, кој украинскиот претседател Володимир Зеленски го нарече „чист тероризам“ и го обвини рускиот лидер Владимир Путин. Северна Кореја, пак, најави дека ќе испрати 5.000 воени градежници и 1.000 деминери во регионот Курск за обнова по украинските напади. Севернокорејската телевизија јави дека ќе се одржат церемонии за одбележување на „херојските подвизи“ на нивните војници.
Јужна Кореја остро реагираше, оценувајќи ја акцијата како прекршување на санкциите на ОН и побара итен прекин на соработката. Според светските медиуми Северна Кореја веќе има испратено муниција и персонал за поддршка на руските операции во Украина.
Кристина Николова Кузмановски