Вести Македонија Најважни

Македонија се зачлени во НАТО, сменети лични документи, регистарски таблички, имиња на институции – седум години од Договорот од Преспа

Денеска се навршуваат седум години од Договорот меѓу Македонија и Грција за промена на уставното име на земјава, настан што се случи во малото село Нивици (Псарадес) на брегот на Преспанското Езеро од грчка страна, со кој се затвори долгогодишниот спор меѓу Скопје и Атина. Република Македонија го смени името во Република Северна Македонија, Грција призна македонски јазик и македонска националност, земјава стана членка на НАТО, а се интензивираше и билатералната соработка со Грција.

Договорот беше постигнат додека на власт кај јужниот сосед беше СИРИЗА, а кај нас СДСМ. Документот го парафираа тогашните министри за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас, во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите, Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување, Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.

Осум месеци по потпишувањето и ратификацијата во парламентите на Македонија и на Грција, Договорот и официјално стапи на сила на 12 февруари во 2019 година. Согласно договореното, Република Македонија се преименуваше во Република Северна Македонија, државјанството е македонско/државјанин на Република Северна Македонија, а јазикот македонски.

Земјата стана 30-та членка на НАТО и иако името континуирано со години со споменуваше како пречка за ЕУ перспективата на земја, сепак, не го отвори целосно патот кон Европската Унија.

По повеќе од три месеци од потпишувањето на договорот, односно на 30 септември 2018 година, македонските граѓани излегоа на референдум да одговорат на прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“.

Излезноста на референдумот беше мала, гласаа само 36,91 отсто од гласачите, од нив 91,47 проценти беа „за“, а 5,64 отсто „против“.

Согласно конечните резултати од гласањето, одлуката на референдумот не беше усвоена, бидејќи не гласаа повеќе од половина од вкупниот број граѓани запишани во избирачкиот список.

Македонија исполни голем дел од обврските од Договорот од Преспа, како промената на уставното име и Уставот, менување на пасошите, регистарските таблички, менување на имињата на Министерствата и институциите и слично. Од грчка страна, пак, постојат одредени доцнења во спроведувањето на договореното.

Трите меморандуми за соработка потпишани во 2019 година, а за првпат доставени во грчкиот Парламент на средината на септември 2020 година, сè уште не се ратификувани и покрај тоа што опозициската СИРИЗА, лани ги достави по втор пат, а дополнително, не е одржан вториот Совет на високо ниво.

Првата и единствена меѓувладина седница беше одржана во Скопје во април 2019 година, при посетата на тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас, додека, пак, на втората домаќин треба да биде Грција.

Решението на спорот со името целосно ги нормализираше билатералните политички односи кои влегоа во нормален тек, со редовна и активна меѓусебна комуникација, со средби и посети, а резултираше и со прва официјална посета во Грција на претседател на Северна Македонија, како и прва официјална посета на грчки премиер на земјава.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мојсоска: Собранието ќе мора да ги обелодени патните трошоци на пратениците

Дејан Дејан

Наскоро решение за растот на цените на прехранбените производи – Мицкоски со најава од Битола

Дејан Дејан

„Бехтел&Енка“ досега наплатила над 300 милиони евра од државата, во април над 1,1 милијарда денари – извештај на ЈПДП

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе