Со бел мантил по белиот свет. Трендот на иселување на младите лекари во потрага по подобри услови за работа и повисоки плати во странство. Овој егзодус на медицинарите веќе се чувствува во многу делови од земјата. Цели региони се без лекари, а амбулантите зјаат празни. Доколку добијат работа, плата за достоинствен живот и можност за едукација бројот би се намалил, сметаат здравствените работници.
„Колегите заминуваат заради тоа што бараат подобар живот, нешто што не е срамно колку ние и да говориме, бидејќи верувајте имаме колеги кои што се со мали деца кои што почнуваат живот паралелно додека ја започнуваат специјализацијата тие не можат да си дозволат памперс да купат на детето. Тоа за мене лично како поединец и како чинител во ова здравство е навистина срамно“, вели Д-р Бојан Трајковски претседател на Асоцијација на специјализантите и млади лекари.
Се што ни треба е политичка волја и желба за тоа што го зборат надлежните го спроведат и во пракса, додава Трајковски.
„Проблемот е што имате многу колеги кои што заминуваат заради своеволието на директорите коишто не сакаат да ги вработат, а во моментот имате многу колеги кои што и покрај завршената и специјализација и завршени шест години студии седат невработени, односно работат со договор на дело што за мене е срамно“, вели Д-р Бојан Трајковски претседател на Асоцијација на специјализантите и млади лекари
Во Словенија и Германија најголем број наши лекари заминале да работат, додека пак има и такви кои решиле своето работно искуство да го продолжат во САД и Канада, велат од лекарската комора.
„Одливот на мозоци е поделен на два дела Еден е концентриран на дистрибуција на повеќето од Македонија во Скопје, а второ на млади завршени во странство кои сега имаме случај во комора сакаат да си ги вратат местата. Не сетоа сите што се вработени во Германија или друга земја, амаме од Англија дојдени, од Германија се враќаат“, вели Проф. Д-р Калина Гривчева Старделова претседател на Лекарска комора.
Претходно и студентите алармираа дека бројот на запишани нивните колеги на домашните универзитети се намалува, додека се зголемува бројот на академски граѓани во странство. Голем број наши студенти студирањето се одлучиле наместо во Македонија да го започнат во Словенија, а дел од причините кои ги наведоа за иселувањето беа криминалот, корупцијата и ниските плати.
Државната статистика покажува дека бројот на отселени граѓани во последните пет години се зголемува, а во 2023-тата година си заминале повеќе од 2 илјади граѓани.
Симона Петровска