Техничар ќе ги сервисира климите во М-НАВ за почетни 50 илјади денари плата, други тројца со средно образование ќе се грижат за трансмисија на информации за илјада и 100 евра плата ,а двајцата директори си бараат на оглас и советници за толкав месечен износ.
Најскап кадар во одделението за развој и инвестиции ќе го чини претпријатието 99,000 денари нето, секој. „Мирното небо“ за прелети се разбранува, а освен реакција за медиумите, синдикатот во М-НАВ по барањето за средба со менаџментот не исклучува одново и јулски штрајк.
Образложението на вработените, преку синдикатот е дека овие работни места веќе се пополнети, и можат да се распределуваат постоечките вработени од сектор во сектор.
„Нашиот став е дека она што се бара во конкурсот не соодвестува со реалните потреби на компанијата. Од една страна пропаѓаат проекти поради недостигот на инженери и техничари, за новиот систем кој требаше да биде ставен во функција, а не е ставен поради недостиг на соодветен кадар, технички. Од друга страна, наместо да се распише таков конкурс за тие кадри, се бараат на оглас лица кои веќе ги има во нашите служби, можат да се преземат од една во друга служба“, велат за Телма од синдикатот на контролори на летање
Основната дејност за контрола на летовите е загрозена, М-НАВ се полни со службеници. Колку е серизно загрозена компнаијата во државна сопственост говори и фактот дека и да се спроведе планот, потребни се најмалку три години да се вработи следниот контролор, велат од синдикатот.
„Контролори фалат, потребни се три години да се образува, а засега компанијата нема согласност од финансии.Се уништува главната дејност со “милијарда“ административци кои не се потребни во моментот. Ветувањето беше дека фирма од надвор ќе изработи воздухопловна студија, анализа за потребата од вработени. Така што точно ќе се знаеше, ќе се оправдаа или не вработувањата. Но, ова не им одговара на директорите бидејќи анализата ќе покаже дека нема потреба од одредени кадри и дека има пренатрупаност“, додаваат од синдикатот..
Овој Синдикат на 9 јануари лани, со протести го смени претходното раководство предводено од директорот Фахрудин Хамиди. Со М-НАВ сега раководат: Владимир Ристески – претседател на УО и Извршен директор на Секторот за воздухопловна навигација, Климент Чепуњоски – член на УО и Извршен директор на Секторот за воздухопловна техника и Фатмир Зимбери – член на УО и Извршен директор на Секторот за финансиски, правни работи, развој и инвестиции.
Павле Беловски