Израел продолжи да бомбардира цели во Иран за кои тврди дека се главните столбови на режимот. Денеска беше нападната иранската државна телевизија.
Израелската армија соопшти дека нападнала комуникациски центар кој се користел за воени цели. Израелското воздухопловство сепак не успеа да ја прекине програмата на државната телевизија, која неколку минути по нападот продолжи со емитувањето.
Претходно овде во зградата јавниот сервис на Исламската Република Иран видовме очигледен и јасен обид за попречување на слободата на изразување. Зградата беше нападната, слободата на изразување, гласот на вистината, всушност нападнат беше гласот на жените, мажите и децата кои беа убиени изминативе денови, изјави при продолжувањето на програмата презентерката на вестите на иранската телевизија, сахар емами.
Четири дена по почетокот на конфликтот тој продолжува да ескалира. Во интервју за СкајЊуз израелскиот премиер Бејамин Нетанјаху изјави дека одлуката да се нападне Иран била донесена во интерес на целото човештво, да се заштити од евентуална иранска нуклеарна закана.
Нетанјаху не одговори директно дали Израел ќе се обиде да го ликвидира иранскиот врховен лидер Ајатолахот Али Хаменеи, и покрај американското противење. Премиерот рече дека Израел ќе го направи тоа што мора да го направи, и инсистираше дека ликвидацијата на Хамеини нема да го ескалира конфликтот, туку ќе му стави крај.
Израелското воено воздухопловство го контролира небото над Техеран. Ова е многу важно за целата операција. На пат сме да ги постигнеме нашите две цели, елиминирање на нуклеарната и ракетната закана. Сега кога имаме контрола на небото над Техеран ги напаѓаме овие цели на режимот, рече нетанјаху.
Во меѓувреме, дел од западните медиуми објавија неименувани извори од арапските земји, кои тврдат дека Иран испратил порака дека е подготвен за прекин на огнот со Израел и продолжување на преговорите за нуклеарната програма со САД. Осврнувајќи се на тие информации американскиот претседател им порача дека времето за преговори брзо истекува.
Мора да постигнат договор. Ова е болно и за двете страни, но јас не гледам начин како Иран ќе победи во оваа војна. Треба да разговараат, и тоа веднаш, пред да биде предоцна, порача трамп.
По четири дена речиси непрекинато бомбардирање, на дел од жителите на Техеран одлучија да ја напуштат иранската престолнина. На социјалните мрежи се шират бројни видеа со колони возила на сите автопати кои излегуваат од Техеран. Сепак, Иранците пред странските новински екипи ја рецитираат пропагандата на режимот.
Не се плашиме од смртта. Нашиот водач е Хамеини и ние ќе ги жртвуваме нашите животи за него. Никогаш нема да се откажеме од нашата нација, или религија, или вера. Не се плашиме да умреме. Ќе се бориме против Израел до последен здив, се додека сме живи, рече Месит дехими, ирански државјанин на граничен премин со турција.
Но, одговорот на Иран не е само празни зборови. Во иранските напади врз Израел до сега загинаа 24 лица а бројни објекти, претежно цивилни беа уништени во ракетирањето на Тел Авив и Хаифа.
Ова е чин на агресија, ни помалку ни повеќе. Воен чин на агресија не може да биде оправдан на никаков начин. Ова дејствување на Ционистичкиот режим е ништо повеќе од чин на агресија, рече портпаролот на иранското мнр есмаил багаи.
Ваквиот развој на ситуацијата и нагорниот тренд на ескалација посочуваат дека крајот на конфликтот меѓу Израел и Иран е далеку, а поаѓајќи од таа анализа голем дел од земјите започнаа да ги евакуираат своите жители од Иран и Израел.
Игор Трајков