Израелската операција, која Тел Авив тврди дека сѐ уште трае, имаше три јасни цели. Да ѝ нанесе максимална штета на иранската нуклеарна програма, да ги десеткува одбранбените способности и да ликвидира дел од военото и научно водство на Техеран, и се чини дека во најголем дел успеа да ги оствари сите три уште во првите часови на операцијата „Разбуден лав“.
Погодени беа серија нуклеарни инсталации, системи за противвоздушна одбрана, радари, инсталации за лансирање балистички ракети како и капацитети за нивно производство.
Јасно е дека се обидуваме да ги погодиме ракетите кои ги испалуваат кон нас, но целта на операцијата е да се справиме со нивните капацитети да ги произведуваат. Илјадници, десетици илјади ракети. Сите производствени капацитети се над земја, достапни се, и ние имаме намера да ги нападнеме повеќето од нив, тие не се ништо помалку важна мета, рече израелскиот премиер бенјамин нетанјаху.
Покрај воената инфраструктура, на удар беше и воената команда и водечките нуклеарни научници. Ликвидирани беа командантите на Исламската Револуционерна гарда и иранската армија, и уште шестмина научници. Израел порачува дека напади сѐ уште се спроведуваат и дека операцијата е на самиот почеток.
ИДФ го изненади и оперира во Иран, и тоа е една од причините зошто до сега Израел не беше нападнат. Но, ние остануваме будни и подготвени за одговорот на Иран, затоа што знаеме дека се подготвени да одговорат и пукаат на нас. Ќе продолжиме со операцијата за заштитување на граѓаните на Израел, порача бригадниот генерал и портпарол на ИДФ ефи дерфин.
Операцијата го следи истиот рецепт како минатогодишната против Хезболах, која оствари спектакуларен резултат, само што наместо радио приемници и пејџери, израелските агенти во Иран прошверцуваа беспилотни летала вооружени со експлозив.
Освен тоа, се чини дека Израел имаше детални информации за секојдневните животи и работни обврски на врвните воени команданти и научници и како да стигне до нив. Јасно е дека оваа комплексна операција се подготвувала со години, а премиерот Нетанјаху денеска порача дека наредбата за нејзино извршување била дадена минатата есен.
Тоа беше директна наредба која им ја дадов на безбедносните структури пред повеќе од половина година, во ноември 2024. Еве ја, тоа беше наредба да се неутрализира иранскиот нуклеарен проект, рече нетанјаху.
Веднаш по нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври 2023, Тел Авив порача дека ќе го смени балансот на моќта во целиот регион, а година и половина подоцна редот му дојде и на најсериозниот противник, Иран.
Појасот Газа беше речиси срамнет со земја, иако таа операција сѐ уште трае. Во операција која траеше само неколку недели Хезболах беше размонтиран до таа мерка што веќе не се смета за закана, а Израел лесно се справи и со Хути бунтовниците во Јемен.
Реков дека ако Иран развие нуклеарно оружје, нас ќе нѐ нема, нема да постоиме, рече нетанјаху.
Израел уште еднаш му демонстрираше на Иран дека може непречено да посегне по било кој и по било што на иранска територија, не плашејќи се од никаква одмазда. Техеран засега опстојува на воинствената и заканувачка реторика, но денеска беше сосема изненаден а неговиот капацитет да ги исполни тие закани можеби и сериозно нарушен.
Игор Трајков