Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека од 1 јануари идната година ќе стапи на сила „Сејв сити“ системот, со кој трајно ќе се одземаат возила на возачи кои управуваат безобѕирно.
Казните за сообраќајни прекршоци ќе се испраќаат електронски, а за посериозни прекршоци ќе следува судска постапка со можност за забрана за управување возило. Тошковски, во интервју на националниот сервис, ги демантираше тврдењата за користење на софтверот за прислушкување, појаснувајќи дека тој служи за екстракција на податоци од телефони во форензички цели.
Министерот коментираше и за бегствата на поранешни високи функционери и за постапките на МВР по пријави за нелегални градби.
Прашан за случајот со градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, која го обвинува градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу за 150 дивоградби на територија на општината, и дали Арсовска пријавила во МВР дека добивала закани МВР, Тошковски рече „таква пријава од страна на градоначалничката не е доставена до МВР, но доколку во меѓувреме има пријавено ќе бидат преземени соодветни чекори“.