Струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов доби 30 дена притвор по одлука на Кривичниот суд. Тој ќе биде спроведен во истражниот затвор „Скопје“ во Шутка. Крмзов е осомничен за сериозни финансиски злоупотреби, вклучувајќи даночни измами, перење пари и царински прекршоци.
Предистрагата е водена од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и започна уште во септември минатата година. Крмзов тврдеше дека е мета на политички прогон.
Се истражуваат 15 фирми поврзани со него. Од УЈП потврдија дека има повеќе кривични и прекршочни пријави, а сметките на фирмите се блокирани поради неплатени даноци. Крмзов ја обвини царината дека намерно ги задржува неговите камиони, но оттаму демантираа и посочија 17 пријави само годинава.
Обвинителството најави брифинг за новинари со повеќе детали за случајот, кој се очекува да биде еден од најголемите финансиски скандали во последните години.