Национална трагедија која длабоко ја потресе Австрија, вака канцеларот Кристијан Стокер го опиша денешното масовно убиство во средно училиште во вториот по големи град во земјата.
Денеска е најцрниот ден во историјата на нашата држава. Пукањето во училиштето е национална трагедија која длабоко нѐ потресе. Во овој незамислив чин, животот им беше одземен на 9 лица. Не постојат зборови кои можат да ја опишат болката, неверувањето и тагата. Целата австриска нација е во шок, рече канцеларот Кристијан стокер.
21 годишен млад маж вооружен со две огнени оружја влегол во училиштето во вториот по големи град во Австрија, каде уби 10 лица и рани уште 12, пред да си го одзеде животот во еден од училишните тоалети.
Национална трагедија поради смртта на 9 лица, 6 женски и 3 машки, со уште 12 повредени. Двајца од сериозно повредените се тинејџери. 10-от загинат е самиот напаѓач. Во овој момент, можам исто така да потврдам дека ова беше дело на еден напаѓач, изјави министерот за внатрешни работи Герхард Карнер.
Станува збор за поранешен ученик кој го посетувал училиштето, а двете огнени оружја ги поседувал легално. Мотивот за извршувањето на овој грозоморен чин полицијата допрва ќе го открива.
Осомничениот е Австриец од околината на Грац. Според тоа што засега ни е познато, двете оружја употребени во злосторството беа пронајдени на лице место. Оружјата се на форензичка анализа. Се чини дека осомничениот легално ги поседувал оружјата, но засега немаме никакви информации за мотивот, додека се одвива истрагата, рече Герхард Ортнер, директорот на австриската полиција.
Масовните убиства со огнено оружје се честа појава во училиштата во Соединетите американски држави, каде генерално е многу лесно да се поседува огнено оружје, но не и во остатокот од светот. Сепак, законите кои го регулираат поседувањето огнено оружје во Австрија, се генерално полиберални, во споредба со другите европски држави.
Според истражување од 2017-та година за бројот на луѓе кои поседуваат оружје, во Австрија има околу 30 парчиња огнено оружје на 100 жители, со што оваа држава е на 14-то место во светот по бројот на вооружено население.
Игор Трајков