Кочанскиот суд му определи 30-дневен притвор на Александар Нацев, по барање на обвинителството во истрагата за катастрофалниот пожар во Пулс во кој загинаа 62 луѓе, а 211 беа повредени.
Обвинителството смета дека Нацев е реален сопственик на фирмата „Рубикон“, која без договор ја обезбедувала дискотеката „Пулс“, доби 30 дневен притвор. Тој е осомничен за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“.
Нацев раководел со деловниот потфат и целокупното работење на агенцијата, заедно со претходно осомничениот управител и со овластеното лице на подружницата во Кочани, соопшти обвинителството.
-Тие без да имаат склучено договор со корисникот на услугата Кабаре ПУЛС Кочани, во текот на 2025 година вршеле обезбедување на имот и лица за клубот. Новиот осомничен во континуитет активно раководел со планот и начинот за давање на услугата обезбедување преку правното лице. Заедно со осомничените кои биле ангажирани како обезбедување, спротивно на повеќе членови од Законот за приватно обезбедување, без каква било претходна безбедносна проценка и план за обезбедување, како и без проверка на условите за противпожарна заштита и опасност од пожари, без да извршат проверка по однос на сигурносните услови во кабарето од аспект на имот и лица, особено по опасност и можност за евакуација, во текот на вечерта кога настанал пожарот не контролирале и овозможиле влез на деца во објектот, не воделе грижа за преполнетоста на капацитетот за посетители во објектот, стои во соопштението по апсењето на Нацев.
При апсењето, извршен претрес на две локации во Скопје и во Пробиштип, како и во автомобилот на осомничениот и била одземена обемна документација поврзана со правното лице и електронски уреди.
Нацев, по трагедијата негираше поврзаност со пожарот и со агенцијата за обезбедување Рубикон. Тој е универзитетски професор, поранешен директор на ДБКИ, порано држеше и партиски прес конференции во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Рубикон како агенција има повеќе договори за обезбедување на скопски средни училишта, а сите договори и уплати, фирмата ги добива по ланската промена на власта.
Миомир Серафиновиќ