Истече рокот од ултиматумот кој полицијата им го даде на демонстрантите да се повлечат од централното градско подрачје на Лос Анџелес по што припадниците на редот почнаа со апсење и голем број од нив со врзани раце беа натоварени во автобуси.
Судирите меѓу полицијата и демонстрантите продолжија, при што полицијата употреби гумени куршуми и солзавец откако демонстрантите почнаа да фрлаат кон нив со предмети и огномет.
Демонстрациите кулминираа во населбата Литл Токио, близу трговскиот центар „Велер Корт“. Пентагон потврди дека претседателот Трамп наредил дополнително распоредување на 2.000 припадници на национална гарда и 700 маринци во Лос Анџелес како дел од федералниот одговор на протестите предизвикани од имиграциските рации.
Претседателот Доналд Трамп пак ја бранеше одлуката за распоредување на Националната гарда во Лос Анџелес за справување со протестите против имиграциските политики, изјавувајќи: „Сѐ е многу добро и под контрола“. Тој ги критикуваше лидерите на Калифорнија велејќи дека „се плашеа да направат нешто“. Протестите почнаа во петокот во центарот на Лос Анџелес, а потоа се проширија и во градовите Парамонт и Комптон.