Азир Алиу и официјално е избран за нов министер за здравство. Собранието му ја даде довербата со 65 гласа „ЗА“, наспроти 15 пратеници кои го притиснаа црвеното копче.
Со тоа, поранешниот советник во Владата на Груевски и екс-министер во Владата на Ковачевски, станува наследник на својот доскорешен партиски лидер и колега Таравари, во Здравство.
Низ тричасовна дебата беа судрени аргументите за и против Предлогот на премиерот Мицкоски за нов министер.
„Доктор Алиу е доктор по информатички науки, професор, човек кој со години се занимава со управување со системи, податоци и дигитални решенија. Во време кога некои држави со еден клик добиваат дијагноза, ние сѐ уште трчаме од шалтер на шалтер. Време е тоа да се промени!“, вели Христијан Мицкоски, претседател на Владата на РС. Македонија.
Мнозинството во одбрана, опозицијата без остри замерки за компетентноста. Имаше опсежен осврт на политичките околности кои доведоа до неговиот избор и на тоа се фокусираа партиите од албанскиот блок.
Од мнозинството го опишаа Алиу како квалитетен кадар и човек со високи морални вредности, а опозицијата праша – зошто не бил добар и во минатото?!
„Му посакувам многу успех, голем е предизвикот за господинот Азир Алиу и се надевам дека конечно ќе испливаме од најдлабокото дно во коешто здравството е западнато со години наназад“, вели Дафина Стојановска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
„Не доби ниту еден глас поддршка кога беше кандидат за министер за информатичко општество и администрација, фактички тоа што му е звање. Ова може слободно да се нарече политичка шизофренија“, вели Јован Митрески, пратеник од СДСМ.
„Испраќаме апел и другите партии и пратеници да ја напуштат оваа Влада затоа што не резултира со политичката волја на Албанците и од ден на ден оди сѐ полошо оваа ситуација“, вели Блерим Беџети, пратеник од ДУИ.
„ДУИ за Арбен Таравари беше канцер. Не е Азир Алиу тој кој го сакаше канцерот туку Арбен Таравари и некои негови соработници“, вели Беким Ќоку, пратеник од Вреди.
На денешната седница како втора точка помина и Предлогот за именување на Албрим Хоџа, за заменик-министер во Земјоделство, шумарство и водостопанство.
Петар Догов