Вести Македонија Најважни Свет

Одложено гласањето во АФЕТ за Извештајот за Македонија

Одложувањето на гласањето на Извештајот за Македонија во Комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент за 24 јуни. го побара известувачот Томас Вајц, кој рече дека  апсолутно стои зад документот, за кој во преговорите и компромисите биле вклучени сите пратенички групи во Европарламентот.

„Ова е извештај на Европскиот парламент и на Европската Унија. Овој извештај нема намера и нема за цел решавање на билатерални прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија. Сепак, знаеме дека се работи и за билатерални односи, но исто така, да речеме, за владеењето на правото, за третманот на малцинските заедници и така натаму. Затоа би сакал да побарам одлагање на гласањето по овој извештај за 24 јуни“ рече Вајц.

Со тоа тој практично возврати на нивните обвинувања дека имал тајни средби со „надворешни фактори“, односно со македонски преставници или дека некој пробил во системот на ЕП, а  сето тоа влијаело на ставовите во извештајот, а пред се на амандманите со кои се бара признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет.

Двајца европратеници  го поддржаа Вајц.Санчез Амор од групата на Социјалдемократите побара да не се создава преседан  така што ќе се овозможи надворешни фактори да создаваат ситуации во Европскиот парламент.

„Не можеме да ги прифатиме и ги отфрламе непријатните обвинувања и инсинуации што беа користени за да се оправда барањата за одлагање што доаѓаа од други групи. Нема потреба да обвинувате некого, за да побарате нормална работа, како што е одлагање. Длабоко жалиме за зборовите и обвинувањата што беа изнесени на сметка на Вајц и другите преговарачи“ изјави Санчез Амор.

Романскиот европратеник, Ден Барна, од редовите на групата на либералите исто така ја осуди кампањата покрената против Вајц како неприфатлива, велејќи дека не треба да се повторува.

Бугарските европарламентарци кои и самите бараа одложување поради, според нив, „нерегуларностите“ што ги откриле околу пишувањето на извештајот, се задоволни од епилогот.

„Му благодарам за оваа, во овој момент, навистина мудра и одговорна одлука и се надевам дека во деновите и во неделите што ги имаме до следното разгледување, тој, исто така, ќе покаже мудрост и ќе свика барем уште еден состанок на известувачите во сенка за да ги разјасниме преостанатите чувствителни прашања“ рече Ивајло Валчев, европратеник од Бугарија.

На основниот предложен текст на Извештајот, беа поднесени вкупно 313 амандмани, од кои посебно внимание предизвикаа тие со  кои се нагласуваат македонскиот јазик и идентитет. Така, самиот Вајц и претседавачот на АФЕТ, германскиот европратеник Дејвид Мекалистер предлагаат амандмани за вметнување нова Точка Д-а со идентична содржина: „Со оглед на тоа што ЕУ постојано го покажува своето признавање на македонскиот јазик и идентитет“.

Холандскиот европратеник Тајс Ројтен пак предлага додавање на алинеја 19а во Извештајот, која би гласела: „Имајќи го предвид постојаното признавање на македонскиот јазик и идентитет од страна на ЕУ“.

Амандман на Членот 2 заеднички предлагаат и европратениците Ден Барна, Урмас Пает и Петрас Ауштревичиус со кој се бара вметнување на текстот „и притоа целосно признавајќи ги македонскиот идентитет и јазик. Хрватските европратеници Карло Реслер и Давор Иво Стиер предлагаат нов Член 2б кој би гласел „Ја потврдува важноста на недвосмисленото признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет како составен дел од наследството на земјата, уставниот поредок, но и од европските вредности.“

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Македонскиот фолклор инспирација за дуо „BudaPesme“ од Будимпешта

Дејан Дејан

„Макпетрол“ организира „Крени глас“ работилници за родителите од Охрид и Струга

Дејан Дејан

Политички пораки и славенички фрази од Ахмети – лидерот на ДУИ се обрати пред чаирчани, на 23-годишнината од формирањето партијата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе