Бугарија ги исполнува условите за приклучување кон еврозоната од 1 јануари наредната година, соопшти Европската комисија при претставувањето на вонредниот извештај за подготвеноста на земјата за воведување на заедничката европска валута.
Комисијата препорачува Советот на Европската унија да го одобри влезот на Бугарија во еврозоната од почетокот на 2026 година.
Според оценката, бугарската економија е доволно подготвена, а националното законодавство е усогласено со европското. Комисијата го нарекува ова „историски чекор“ за Бугарија, пренесува БТА.
Мнозинството Бугари се против воведувањето на еврото. Дури 50 проценти од граѓаните се противат на воведувањето на еврото, додека тоа го поддржуваат 43 проценти. Граѓаните се плашат од враќање на инфлацијата и продлабочување на сиромаштијата.
Економистите, сепак, уверуваат дека влијанието од воведувањето на еврото нема да биде почувствувано на краток рок, особено затоа што, според законот, курсот на левот со еврото е фиксен.