Наша политичка цел е да ги започнеме преговорите со Северна Македонија по Кластерот „Основни вредности“, штом ќе бидат усвоени потребните уставни измени, порача денеска еврокомесарката за проширување Марта Кос во воведното обраќање на дебатата со членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент посветена на проширувањето на ЕУ, состојбите во Украина и соседската политика на блокот.
– Бугарија и Северна Македонија треба да почнат да разговараат интензивно и да најдат решение за ова билатерално прашање и јас стојам на располагање како олеснувач, ако е потребно, истакна Кос.
Таа нагласи дека денес живееме во време на длабока трансформација на меѓународниот поредок, и само за шест месеци од стартот на нејзиниот мандат, глобалниот пејзаж се променил драматично, па затоа во интерес на безбедноста и иднината на континентот потребно е „да заврши обединувањето на Европа“.
– За мене проширувањето е многу повеќе од само проширување. Туку станува збор за обединување на Европа. Тоа не е само морална неопходност, туку јасен услов за посилна и побезбедна Европа. Проширувањето во овој контекст оди подалеку од традиционалниот поглед и станува средство за обединување на Европа околу заеднички вредности и принципи, рече Кос.
Во тој контекст, според неа, ЕУ треба да бидеме подготвена да проектира стабилност и мир низ целиот континент и во европското стратешко соседство во Централна Азија и Медитеранот.
– Секогаш се радувам на соработката со Европскиот парламент на нови предлози. Затоа мојот повик за акција е да продолжиме да работиме заедно, за да се осигураме дека нашата Унија испорачува за сите, заклучи Кос во воведното обраќање.
Во текот на дебатата, известувачот на Европскиот парламент за земјава, Томас Вајц порача дека е јасно оти мора да се извршат уставните измени за да може државата да ги почне преговорите за членство, но мора да се има предвид и дека таа веќе 20 години чека на старт на преговарачкиот процес и спроведе значителни реформи во усогласувањето на своето со европското законодавство.