Вести Македонија

Демократизација или партизација, синдикатите со различни ставови за прагот од пет проценти

Се поизвесно е дека во економско социјалниот совет кој со месеци не функционира бидејќи нема репрезентативен синдикат на следната седница ќе има два синдикати кои ќе ги застапуваат барањата на работниците, досегашниот ССМ и Конфедерацијата на слободни синдикати за која се отвара вратата со законските измени и намалувањето на прагот на пет проценти за репрезентативност. За ССМ заврши броењето на членството и потврдено е дека имаат над постоечкиот законски праг од 10 проценти од вкупниот број на работници во државата а КСС ќе треба да потврди дека ќе го исполнува новиот праг од пет проценти.

Демократизација на синдикалното движење како препорака на меѓународните организации и намалување на прагот на пет проценти било барање поставено во работните група со години наназад, велат од КСС.

„Препораката беше да се демократизира синдикалното организира и во оние работни групи во коишто се изработуваше нацрт планот или нацрт законот за работни односи секогаш имало консензус да се намали прагот на репрезентативност по барање на помалите синдикати“ изјави Благоја Ралповски, претседател на Конфедерација на слободни синдикати (КСС).

Од ССМ се на став дека овие измени можеа да бидат предложени од економско социјалниот совет но и дека се скептични околу тоа дали вториот синдикат кој ќе добие репрезентативност ќе ги застапува интересите работниците.

„Се прашуваме кого ќе претставуваат на каков начин ќе го претставуваат таму ако се вршат брзи измени на законот за работни односи без социјален дијалог само да се удоволи на КСС да учествува во економско социјален совет. Патем тие и досега учествуваа на истиот но не побараа ништо за работниците, очекуваме да побараат зголемување на платата ако ништо повеќе“ рече Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

Предлагачот на измените, Бојан Стојановски од ВМРО ДПМНЕ, смета дека со повеќе репрезентативни синдикати во ЕСС ќе има поголем притисок од работниците врз Владата и работодавците.

„И во иднина ние во ваква форма ќе ги носиме законските решенија што ќе ги тангираат синдикалните организации, бидејќи сè додека имаме аргументиран дијалог не е страшно и да не се согласиме. Но сè додека разговараме сметам дека можеме да ги решаваме проблемите и да се движиме во таа насока. Со повеќе синдикати во Економско-социјалниот совет може да се направи поголем притисок и врз работодавците и врз Владата за исполнување на повеќе синдикални и работнички барања“ вели Бојан Стојановски, претседател на Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика. Претставниците на синдикатите кои беа во собранието ги повикаа ССМ да седнат на маса за да ги надминат недоразбирањата во интерес на работничките права.

„Овие триесет години наназад еден синдикат ако е репрезентативен подлежи на разни манипулации, дали притисоци политички, дали лични бенефити. Мислам дека сега треба сите да се погледнеме, да застанеме. Еве гледаме дека фали ССМ. Мене не ми е јасно од кои причини. Ние другите синдикати се здружуваме праќам јавна порака до нив да дојдат, ако се во интерес на работниците како што тврдат, да седнеме и да ги закопаме тие недоразбирања“ изјави Марјан Ристески, КСОМ.

Собранието денес го усвои предлогот за законски измени и одлучи да одат по скратена постапка и се очекува во текот на денот на ги мине филтрите односно собраниските комисии и да се гласа на продолжувањето на седницата закажана за утре.

Огнен Чанчаревиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Трамп потпиша забрана за влез во САД за државјани од 12 земји со цел „заштита на Американците од опасни странски туристи“

Дејан Дејан

(фото)Возрасна морска желка по име Дили Дејли повторно вратена во водите на Атлантскиот Океан

Дејан Дејан

Тројца осомничени за обид за убиство во Чаир

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе