Вести Најважни Свет

Украинската „Пајакова мрежа“ улови една третина од руските бомбардери

Ден пред одржувањето на втората рунда преговори во Истанбул, помеѓу делегациите на Русија и Украина, Киев испрати сериозна порака.

И покрај смената на курсот на САД по стапувањето на функција на новата администрација на Доналд Трамп и нејзиното резонирање дека Украина не може да ја добие војната и мора да ги прифати сите услови за нејзино завршување, таа со вчерашната спектакуларна операција јасно стави до знаење, пред се на Вашингтон, дека и тоа како е способна да ја повреди Русија.

Подготвувањето на оваа операција траело 18 месеци, а според нејзината комплексност и успехот во нејзиното спроведување, таа може да се спореди со пејџерите и радијата на Израел против Хезболах во Либан минатата година.

Навистина големо е задоволството кога нешто кое го одобрив пред година и шест месеци беше остварено и им одзеде на Русите над 40 единици на стратешкото воздухопловство, рече украинскиот претседател соопштувајќи ги резултатите од операцијата.

Стотина беспилотни летала, прво биле прошверцувани во Русија па скриени во товарни возила, а нивните возачи, несвесни за убиствениот товар кој го превезуваат, ги транспортирале до 4 различни локации длабоко на руска територија во близина на воздухопловните бази. Секој еден од дроновите бил управуван од посебен украински оперативец.

Беа погодени 34 проценти од носачите на стратешките крстосувачки ракети стационирани во воздухопловните бази. Нашите луѓе оперираа во неколку руски региони, во три различни временски зони, а луѓето кои ни помогнаа беа евакуирани од руска територија пред операцијата, и сега се безбедни, рече зеленски.

Украинската разузнавачка агенција соопшти дека на руското воено воздухопловство му нанеле штета во вредност од 7 милијарди евра, и дека оштетена или уништена била една третина од флотата стратешки бомбардери на Русија.

Помеѓу погодените авиони се летала од типовите Ту-95, Ту-22 и суперсоничниот Ту-160, кои Русија повеќе не ги произведува и нивната замена, или поправка ќе бидат речиси невозможни.

Со сигурност можам да кажам дека ова е апсолутно уникатна операција. Што е уште поинтересно, и сега веќе може јавно да биде откриено, е дека „канцеларијата“ на нашата операција на руска територија беше лоцирана директно до штабот на ФСБ во еден од нивните региони. Вкупно, 117 беспилотни летала беа употребени во операцијата, со исто толкав број на оператори, изјави зеленски.

Што се однесува до мировниот процес, од денешната средба во Истанбул, втора во овој формат со посредство на САД и Турција, никој не очекуваше ништо уште пред оваа украинска операција.

Москва продолжи со истата тактика на одолговлекување и не го ни испрати документот со предлози, што беше договорено на првата средба претходниот месец.

Киев пак, покрај тоа што сака да се прикаже како конструктивната страна, вчера испрати порака дека е подготвен да ја продолжи војната и дека нема да направи отстапки кои ги смета за неприфатливи.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пратеникот Аднан Азизи именуван за шеф на изборниот штаб на коалицијата Вреди

Дејан Дејан

Брза пруга со британски пари – откажани се европските за реконструкција

Дејан Дејан

Дивоградбите во Чаир причина за расправа меѓу советниците во Градот Скопје

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе