Култура

Со Ивица Баковиќ започнува циклусот на книжевни резиденции за 2025 во Скопје

Циклусот на книжевни резиденции за 2025 во Скопје во организација на издавачката куќа „Готен“, поддржана од европската мрежа за превод и книги „Традуки“, започнува со престојот на преведувачот Ивица Баковиќ во текот на месец мај.

Ивица Баковиќ (1982) дипломирал кроатистика и славистика на Филозофски факултет во Загреб, каде што и докторирал во 2013 година. На истиот Факултет работи како доцент на Отсекот за јужнословенски јазици и книжевности каде што предава македонска и јужнословенски литератури, а понекогаш и преведување од македонски на хрватски. Автор е на книгата Драма околу историјата: историја и меморија во хрватската и македонската драма во втората половина на 20-иот век (Drama oko povijesti: povijest i pamćenje u hrvatskoj i makedonskoj drami druge polovine 20. stoljeća, 2018). Бил на повеќе стипендии и на студиски престои во Македонија, во Германија и Чешка, бил стипенндист на Владата на Француската Република. Член е на Друштвото на хрватски книжевни преведувачи. Објавени му се десетина преводи на македонските автори Петар Андоновски (Страв од варвари, 2023), Румена Бужаровска (Мојот маж, 2016; Никаде не одам, 2020, Тони, 2025 во печат), Славко Јаневски (Страшна ноќ, 2025), Владимир Јанковски (Скриени желби, немирни патувања, 2023), Симона Јованоска (Денот на црвот, 2025), Владимир Мартиновски (Турбуленции, 2019), Александар Прокопиев (Делфинот, 2020), Горан Стефановски (Демонот од Дебармаало и Одисеј, 2018), Влада Урошевиќ (Невестата на змејот, 2024), Марко Цепенков (Силјан Штркот, 2016), Живко Чинго (Големата вода, 2019). Моментално работи на преводите на Славко Јаневски (Депонија) и Влада Урошевиќ (Мојата роднина Емилија).

Планираните активности: Во текот на резиденцијалниот престој, Ивица Баковиќ ќе земе учество на меѓународната научна конференција по повод осумдесетгодишнината од Кодификацијата на македонскиот јазик на Катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност и култура при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, со излагање посветено на приемот на македонските модерни класици во Хрватска.

Во текот на Саемот на книга, ќе им се придружи на странските учесници во фелоушип програмата на Македонската асоцијација за издавачи.

Во рамките на таа програма ќе има состаноци со заинтересирани македонски издавачи и ќе биде дел од јавната дебата посветена на надворешната перцепција на македонската книжевност и издаваштво. Ќе ги посети и штандовите на издавачите на писателите што ги има преведено и во неформално дружење ќе пренесе информации за животот на преведените дела, по објавувањето, приемот кај читателите во хрватските книжарници и библиотеки. „Престојот во Скопје во рамките на преведувачката резиденција на Традуки и Готен е од големо значење за мене како книжевен преведувач од македонски јазик. Во моментов завршувам со преводите на Депонија од Славко Јаневски и Мојата роднина Емилија од Влада Урошевиќ, а и двата наслови се поврзани и со Скопје и со скопскиот крај. Затоа верувам дека овој престој во Скопје ќе ми помогне поинтензивно да навлезам во јазикот и во опусите на овие двајца писатели (коишто ми се инаку омилени кога станува збор за македонската литература). Според мене, и Јаневски и Урошевиќ се извонредни и оригинални сликари на македонското поднебје, коешто туристите главно го доживуваат преку храната, виното, музиката, сонцето. Затоа сакам магичните светови од овие двајца автори да им ги представам и на хрватските читатели. Освен тоа, би сакал и подетално да го истражам современиот македонски стрип и графички роман бидејќи во иднина би сакал да ги вклучам во своите преведувачки активности. Благодарение на резиденцијата, со македонско вино, сирење, пиперки и домати, опкружен со скопскиот ритам, одморајќи се во прошетки по Водно, со поглед на Скопје, осамениот процес на преведување за мене добива нови димензии. “, вели Ивица Баковиќ за својот план за престојот во Скопје.

Ивица Баковиќ е првиот гостин кој престојува во Скопје на циклусот книжевни резиденции за 2025 во организација на издавачката куќа „Готен“, поддржана од европската мрежа за превод и книги „Традуки“. На есен гости ќе бидат писателката од Словенија Симона Хамер како и ромаскиот прозаист Космин Перта.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Третманот на децата во образовниот систем низ премиера во Драмски театар

Дејан Дејан

„Важноста на Независната сцена во услови на поларизација“, дебата во КСЦ Јадро

Дејан Дејан

Стаматоски целиот свој живот го посвети на заштита на македонскиот јазик

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе