Симболично им го завртија грбот на политичарите. Уморни од ветувања и празни зборови додека јадат ѓеврек и вода, како што напишаа на еден од транспарентите, работниците денеска измаршираа пред главните институции и гласно кажаа што бараат.
Плата од петстотини евра е „црвената линија“ од која нема отстапување. И ова е малку, порачуваат синдикалните лидери кои го предводеа првомајскиот протест.
„Бараме најбрзо што може да покажат дека се за работниците и дека се со работниците. Денеска, на оваа страна од барикадите сме ние кои бараме достоинствена плата за достоинствена работа. Од другата страна на барикадите се тие кои уживаат привилегии. Да им го завртите сите грбот како што им го вртам јас, за да почувствуваат како е кога работник ќе им заврти грб“, кажа Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија.
Ќе дојдеме побројни ако не зголемите плата – ова е предупредувањето коешто синдикатот го испрати до власта.
„Уаа“ и „Лопови“ се извикуваше постојано, додека работниците маршираа од пред ССМ, до Собранието и Стопанската комора и на крај пред Владата.
Други синдикати добија епитет „квази синдикалци“ и „умилкувачи на власта“, затоа што останаа дома додека ССМ протестира на Први мај.
„Овие се газди бескичмењаци коишто триесет години ја пијат крвта со памукче и на коишто петстотини евра за нас им се многу, а сега во Грција на викенд пет илјади евра им се малку“, кажа Иван Пешевски, потпретседател на ССМ и претседател на СГИП.
„Не нѐ плашат нивните напади, нивните лаги и нивните прес-конференции полни со манипулации. Ништо од тоа што го прават нема да нѐ сопре и ние ќе продолжиме понатаму“, кажа Трпе Деаноски, претседател на УПОЗ.
„Ќе ги повикаме работодавачите да не се кријат овде и да излезат и тие бидејќи ние овде им го заработуваме нивниот леб, а за нас остануваат само трошките“, кажа Игор Герасов, претседател на СИЕР.
„Не може платата за работниците со 1800 денари покачување да биде доволна. Не можат луѓе коишто имаат околу две илјади евра плата да им кажуваат на луѓе со четиристотини евра дека е доволно“, кажа Кристина Ампева, претседателка на Гласен Синдикат.
Покрај минималец од петстотини евра, ССМ бара сите останати плати да бидат зголемени за 100 евра, да се почитуваат колективните договори и сѐ друго што спаѓа во доменот на работничките права.
Петар Догов