Рускиот претседател Владимир Путин објави привремено прекин на огнот во војната во Украина. Кремљ соопшти дека прекинот на огнот ќе трае од утрото на 8 мај до 11 мај – што се совпаѓа со прославите на победата по повод крајот на Втората светска војна. Во соопштението се вели дека Путин го прогласил прекинот на огнот „врз основа на хуманитарни причини“. Додека се чека одговор од Украина, Путин веќе им се заблагодари на војниците на неговата земја за нивниот придонес во борбите во Украина.
- „Знам дека апсолутен приоритет за вас останува обезбедувањето на исполнувањето на задачите на специјалната воена операција, поддржувајќи ја одбранбената индустрија, армијата и морнарицата. Ви благодарам за длабокото разбирање на вашата граѓанска и професионална одговорност“ – Владимир Путин, претседател на Русија.
Одлуката на Путин следува откако САД објави дека разговорите за постигнување траен мир меѓу Украина и Русија влегоа во „критичната недела“ во која САД ќе донесат одлука дали да продолжат со напорите и дали и понатаму ќе бидат вклучени во процесот. Американскиот државниот секретар Марко Рубио рече дека претседателот Доналд Трамп не вовел нови казни за Русија бидејќи сè уште се надева дека крај на војната може да се стави по пат на дипломатија. По враќањето од Ватикан каде имаше краток состанок со Зеленски, Трамп рече дека верува дека Зеленски е подготвен да ѝ го предаде Крим на Русија како дел од мировниот договор – и покрај претходните отфрлања на таквиот предлог од страна на Киев.
- Дали Зеленски е подготвен да се откаже од Крим?
- О, мислам дека е. Погледнете, Крим беше пред 12 години. Тоа беше претседателот Обама кој се откажа без да биде испукан ниту еден куршум. Затоа, не зборувајте со мене за Крим, зборувајте со Обама и Бајден за Крим- Доналд Трамп, претседател на САД.
Сепак, германскиот министер за одбрана Борис Писториус, вели дека Украина не треба да се согласи на најновиот предлог на Трамп за отстапување територии бидејќи тоа би било „капитулација“. Трамп верува дека Украина и Русија може да потпишат мировен договор.
Ставот на Зеленски е дека Русија ги „мами“ САД велејќи дека сака да ја заврши војната. Според него Русија одговорила со повеќе напади врз цивилната инфраструктура како реакција на подготвеноста на Украина за „безусловен мир“.
Северна Кореја денеска за прв пат потврди дека испратила војници во Русија за да ја поддржи нејзината војна против Украина. Целта била да ѝ се помогне на Русија да го врати својот Курски регион, кој украинските сили го зазедоа во ненадеен напад минатата година.
Билјана Ставрова