Снемува работна сила ама ако не се зголемат платите, уште толку ќе нема – порачаа денеска синдикатите. Работодавачите и Владата да ја бараат вината кај себе, а не кај работниците, за да не останат без нив.
Ова е пораката на ССМ испратена од Работничкиот дом, местото од каде што следната недела ќе започне првомајскиот протест.
Испорачаа едно главно барање до сите работодавачи од приватниот сектор – итно да се зголемат платите на работниците, затоа што приватниот сектор е главен двигател на економската состојба во Македонија.
„Приватниот сектор е нешто што мора веднаш да се подобри со квалификуван кадар и млади луѓе. Но, за овие две работи потребни се достоинствени, односно безбедни услови за работа и повисоки плати. Повисоки плати не се 500 евра плата, туку 500 евра минимална плата која ќе се множи со коефициент на сложеност и со тоа ќе пораснат останатите плати. Во овие трудоинтензивни дејности од приватниот сектор не треба да има плати помали од педесет и шеесет илјади денари“, вели Иван Пешевски, потпретседател на ССМ.
Од Сојузот на синдикати обвинуваат и за притисоци врз нивните членови. Тврдат дека се фаворизира друг синдикат којшто не се бори за повисоки плати.
„Во меѓувреме, додека се разгледува барањето на ССМ за бројот на членови и репрезентативност на ниво на држава, пријавени се повеќе напади кон членовите на гранките на ССМ и притисоци за отчленување и фаворизирање на друг синдикат кој за жал не бара зголемување на плати, па оттука се сомневаме дека можеби и затоа е омилен синдикат на Владата“, додаде Пешевски од ССМ.
ССМ веќе закажа првомајски протест, а не марш – поради ниските плати, нечовечките услови за работа, доцнењето со исплата на платите и во приватниот и во јавниот сектор, како и поради непочитување на колективните договори.
Петар Догов