Независниот синдикат на полицијата денеска поднесе претставка пред Судскиот совет против четворица скопски судии – Бесник Авдија и Гордана Билеска од Граѓанскиот суд и Санде Зиков и Мери Дика од скопска апелација. Бараат изземање на судиите во случаите кога вработени го тужат МВР за плати. Претставката доаѓа по состанокот од 9 април меѓу четворицата судии со претставници на МВР и Државниот правобранител.
Според Синдикатот, во случаите кога вработените го тужат Министерството за минимална плата, Судот треба да биде непристрасен, а на овој начин се координира со МВР кое е странка во постапката. Тие сметаат дека скопскиот суд со одбивањето на тужбите на вработените сака да воспостави нова судска пракса која ќе ја следат и другите судови, а на штета на вработените во МВР. Полицајците веќе имаат добиено десетици случаи против МВР во апелационите судови во Гостивар и во Битола, но синдикатот обвинува дека после овој состанок, скопските судови почнале поинаку да одлучуваат.
„Доколку продолжи ова политичко умилкување и во рок од 30 дена од оваа претставка немаме одговор, за 30 дена најавувам голем полициски протест којшто ќе започне од пред судовите, а ќе заврши пред Судскиот совет на којшто ќе побараме да престане политичкото умилкување и политичкиот пазарлук со правата на вработените. Исто така ќе ги известиме сите братски синдикати од ЕУ и сите надлежни европски институции“, изјави претседателот на Независниот синдикат на полицијата Мартин Ефремов.
Скопска апелација реагира дека судиите биле поканети на работен состанок за роковите за носење решенија во дисциплински постапки водени во МВР, а заради воедначување на судската пракса. Тие се отворени за соработка и со други институции. Велат секој може да побара изземање, а изјавите за политичко умилкување не ги коментираат.
„По однос на наводите дека има промена во постапувањето, односно дека во Основниот граѓански суд Скопје се отфрлаат тужбите на полицајците, во период по одржаниот состанок, Апелациониот суд Скопје не може да се произнесе од причина што сè уште овој вид предмети не се примени за одлучување по жалба“, стои во соопштението на Скопска апелација.
Во Граѓанскиот суд исто така велат дека досега немаат донесено правосилна пресуда во ваков случај. Одлучуваме според закон и не се координираме со никого, велат тие.
„Основниот граѓански суд Скопје по однос на истакнатите мислења на прес-конференцијата во врска со истакнато мислење за „политичко умилкување“, целосно ги отфрла истите како невистинити и дадени единствено со цел да се деградира работата на овој суд, кое нешто остро го демантираме“, велат во Основниот граѓански суд Скопје.
Министерството за внатрешни работи на 9 април соопшти дека одржале состанок со судиите „за решавање на предизвиците од областа на судските и дисциплинските постапки“ заради решавање на сите предизвици со цел „заштита на правата на работниците и избегнување на финансиски импликации на штета на буџетот“.
Вработени го тужат МВР затоа што минималната плата им се пониска од законската. Со додатоците од 20 или 30 отсто, полицајците имаат плата повисока од минималната, но тужат затоа што основицата им е под минималната.
Срѓан Стојанчов