Денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со Неговата Висост шеик Абдула бин Зајед Ал-Нахјан, заменик премиер и министер за надворешни работи на Обиединети Арапски Емирати, потпишаа два договора, едниот за економска соработка, трговија и инфраструктура, а другиот за размена на знаење и искуства помеѓу двете дипломатски академии, информираат од Владата.
Премиерот Христијан Мицкоски во рамки на официјалниот посета на Обединетите Арапски Емирати денеска имаше средба со претседателот и раководството на Стопанската комора на Шарџа.
- Разговорот беше насочен кон создавање мостови на соработка помеѓу нашите економии, размена на добри практики и идентификување на можности за заеднички инвестиции и поддршка на приватниот сектор. Ваквите средби се клучни за зајакнување на билатералните односи и отворање нови перспективи за бизнис заедницата, напиша Мицкоски на својот Фејсбук профил.
Како што најави владината прес-служба, владиниот тим ќе престојува во ОАЕ до четврток, а предвидени се средби и со шеикот Мохамед бин Рашид Ал Мактум, владетел со Дубаи, потпретседател и премиер на ОАЕ, со претставници на развојниот холдинг на Абу Даби, со државната „Мубала“ инвестициска компанија, како и „Масдар“ државната енергетска компанија, и на неколку стопански комори, со цел разгледување на можности за соработка во инфраструктурни проекти, инвестиции во агро-бизнисот, обновливи извори на енергија, туризмот, иновации и современа технологија.
Во состав на делегацијата се вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, генералниот секретар на Владата Игор Јанушев, како и директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Гоце Димовски, националниот координатор за туризам Аккан Махмут и претставници на неколку државни институции.
Мицкоски, вчера, на првиот ден од посетата, се сретна со претседателот на ОАЕ и владетел на Емиратот Абу Даби, Шеикот Мухамед Бин Зајед Ал-Нахјан и како што изјави била истакната потребата од многу поблиски и поплодни односи.