Во Кривичен денеска ново рочиште за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Ќе сведочи првообвинетиот во случајот Љупчо Палевски.
Тој денеска во судница ќе даде исказ, а очекувањата се дека ќе ги повтори тврдењата кои ги изнесе на почетокот од процесот дека е невин и дека станува збор за политички монтиран процес против него.
За убиството на Панче, тој првично тврдеше дека на 22 ноември му поправал котел на сведокот Ерол Османи – кој, пак, вели дека тоа се случило на 28 ноември.
За убиството на Вања на 27 ноември, Палевски вели дека комуницирал преку Телеграм со сопартиец од 8:20 до 9:00, но нема докази – поради тоа што станува збор за заштитен „канал“ на комуникација. Потоа според неговите тврдења заминал во банка.
Досега двајца од соучесниците – Манев и Кешишев – ги признаа делата и директно го посочија Палевски како извршител.
Обвинителките тврдат дека има доволно индиректни докази и сведоштва.
Палевски тврдеше дека снимките кои беа прикажани во доказната постапка од пред куќата на Манев не се од вечерта пред убиството, туку од 5 мај кога наводно барале злато во Демир Капија.
Негира дека се гледа јасно дека тој вози или дека има негова ДНК на местата на злосторствата.
На последното рочиште сведочеше таткото на Вања, Александар Ѓорчевски кој во случајот е обвинет за соучесништво иако ЈО досега не презентира конкретни докази за негова инволвираност.
Тој тврди дека не ги знае лично извршителите на убиствата и дека немал никаква комуникација со нив.
Денешното рочиште ќе почне со исказот на Палевски, по што ќе следат прашања од судијата Ивица Стефановски и неговиот адвокат Јовица Страшевски.