Четворица во притвор, шестмина во куќен притвор со забрана за комуникација и осуммина на кои им се одземени патните исправи и мора да се јавуваат во судот. Тие се осомничени за тешки дела против општата сигурност. Ова е епилогот од вчерашното проширување на истрагата за трагедијата во Кочани која однесе 61 живот.
Според информациите на Телма, притвор му е одреден на актуелниот министер без ресор Шабан Салиу која беше директор на Дирекцијата за заштита и спасување во периодот до 2008 до 2017 година додека поранешниот министер Сарачини заврши во куќен притвор.
На листата на нови осомничени се тројца екс министри за економија, двајца државни секретари и тројца раководители на сектор во министерството, сегашен и двајца поранешни директори на ДЗС и генерален инспектор во Дирекцијата, тројца градежни инспектори во Општина Кочани и четворица пазарни инспектори.
Коцевски нагласи дека истрагата утврдила децениски пропусти кај министерството за економија, Дирекцијата за заштита и спасување, локалните власти и пазарните инспекторат кои довеле до трагедијата.
Министерот Дурмиши не е на листата осомничени бидејќи во периодот од кога тој ја извршува функцијата не било побарано издавање на лиценца за „пулс“ во Кочани.
Републичкиот обвинител Коцевски е дециден дека застарување на делото не може да има бидејќи дел од осомничените извесен период се во пензија или пак извршуваат друга функција.
МВР ќе поднесе кривични пријави против учесниците во протестот во Кочани кој ескалираше и во кој беше демолирано кафулето на сопственикот на „Пулс“, негови канцеларии и службено возило. Министерот Тошковски не прецизираше за какво кривично дело би одговарале евентуално осомничените.
Од Обвинителството во петок доставија предлог до судот за продолжување на мерките притвор и куќен притвор кои веќе се изречени на осомничените за трагедијата во Кочани а од кочанскиот суд за Телма соопштија дека веднаш е почната постапката за одлучување а се со цел да се запази законскиот рок.
Огнен Чанчаревиќ