Одлуката за скалесто ограничување на маржите дава резултат бидејќи е регистрирано намалување на инфлацијата и на цените, казните се зголемени и сега вклучуваат и затворање на објектот каде што не се почитува одлуката а Комисијата за заштита на конкуренција треба да соопшти дали имало картелско здружување или не.
Со законските измени правните субјекти кои нема да ја почитуваат владината одлука се соочуваат со казна од 500 до 10 илјади евра во зависност од големината на субјектот но и со затворање на објектот каде се затекнати неправилностите.
На почетокот на минатиот месец од Пазарниот инспекторат соопштија обработуваат триесетина предмети за да се утврди прецизно дали и какви неправилности има но и дека со овие предмети се опфатени сите ланци на големи трговци, а заменик министерот Ристески најави детални информации од инспекторатот во текот на идната недела.
Од Влада се на став дека одлуките генерално се почитуваат а тоа го покажале записниците од извршени над 500 контроли од денот кога мерките стапија на сила. За откриени неправилности девет правни субјекти добиле клуч на врата.
- „Констатирани се околу 65 неправилности врз основа на Законот за трговија и Законот за заштита на потрошувачите, како и непочитување на одлуката кај 9 правни субјекти – маркети, аптека и увозници-дистрибутери кај кои е изречена забрана на вршење на дејност од 15 дена и соодветен платен налог. Вкупно издадени се прекршочни платни налози во вредност од 3,3 милиони денари“, соопштија од Владата.
Владината мерка за скалести маржи истекува на крајот на овој месец а од 15 мај маркетите се должи да ги објавуваат цените на производите на нивната официјална веб страна.
Огнен Чанчаревиќ