Сопственици на возила и камиони при регистрација уплаќале такса за јавни патишта но, парите наместо во државата завршувале во нечиј џеб. Службеничка од „Пошти Македонија“ ги фалсификувала налозите а сопственикот на фирмата која го вршела техничкиот преглед и вработената во ЈПДП не го контролирале финансиското работење и уплатата. Финансиската полиција пресмета дека за пет години Буџетот на јавното претпријатие за државни патишта бил оштетена за 22 милиони денари или околу 360 илјади евра.
Кривични пријави денес се поднесени против сопственикот на фирмата „Пин Петрол“ каде што се вршел техничкиот преглед, службеничката на „Пошти Македонија“ и вработената во ЈПДП кои се товара за злоупотреба на службената положба и овластување, провенера и несовесно работење во службата.
Истрагата на Финансиската полиција утврдила дека сопственикот на „Пин Петрол“ Добрин Петрушевски склучил договор со „Пошти Македонија“ да отворат шалтер за наплата на таксата за ЈПДП каде што работела осомничената Габриела Крстевска. Таа од август 2019 до септември 2024 година издавала и фалсификувани налози за наплатена такса и парите ги задржувала за себе.
- „Второпријавената извршила фалсификување на налози за уплата со цел на дознака Фонд за патишта кои се регистрирани во системот за наплата на АД ПОШТА под ист референтен број за две различни лица кои извршиле уплата и со тоа предизвикала штета на Буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта“, соопштија од Финансиската полиција.
Петрушевски требало да знае дека од неговата фирма „Пин Петрол“ не течеле редовни уплати на надоместокот кон ЈПДП и не презел ништо.
Од компанијата „Пин Петрол“ отфрлаат секаква поврзаност со осомничената службеничка од „Пошта Македонија“ и велат дека комплетната документација е доставена до финансиската полиција.
- Во целост демантираме и се оградуваме од наводите на некои медиуми кои пренесоа информација за некаква поврзаност со уапсената Габриела Крстевска. Ние како компанија немаме никаква сопственичка ,правна и роднинска поврзаност со осомничената. Ние како правно лице имаме склучено договор со АД „Пошта Македонија“ (подружница Пин Петрол) за кое осомниченото лице Габриела Крстевска има работено. За било какви информации во врска со осомничената одговорите треба да ги барате во АД „Пошта Македонија“, велат од „Пин Петрол“.
Последниот контролен механизам, службеничката во ЈПДП и покрај тоа што ги имала на увид месечните извештаи за наплатени средства од „Пин Петрол“ и приливите на сметката на државната компанија не презела ништо.
Инаку лиценцата за технички преглед „Пин Петрол“ ја добива во време кога министер за внатрешни работи е Оливер Спасовски, а синот на сопственикот е негов советник.
Огнен Чанчаревиќ