Вести Македонија Најважни

По солзите за „правдата“ за Теодора, Судскиот совет го разгледува предметот, премиерот од врвот на извршната власт го побара истото и критичарите ги нарече „полноглавци“

По солзите на најблиските на Теодора Ристевска и гневот на јавноста за биографијата на младиот судија од Тетово, Ељведин Ферати за кого Антикорупциска комисија утврдила дека преправал оценки во дипломата за да се запише на Академија за судии и обвинители- во толкување на двегодишната затворска казна се вклучи и политиката.

Од врвот на извршната власт, со забелешка дека е и родител и незадоволен граѓанин од правдата во случаи кога има смртни жртви, премиерот Мицкоски побара Судскиот совет да отвори постапка за судијата Ферати и да ги преиспита неговите пресуди. Оние што ќе се налутат на неговата изјава како премиер, ги нарече полноглавци.

Ова не е правда и тука имаме потфрлање на системот по сите основи. Знам дека некој ќе ми се налути, ќе излезат и такви полноглавци коишто ќе ме критикуваат после ова што ќе го кажам, но јавно барам од Судскиот совет да се преразгледа работењето на овој судија и уште еднаш да се преиспита оваа пресуда, рече премиерот Христијан Мицкоски.

Министерот за правда Игор Филков вели дека не ја коментира пресудата, но реакцијата во јавноста ја смета како доказ за два одсто доверба во судството. На прашањето како се случи да имаме судија со преправани оценки да одлучува за смртни случаи, министерот за правда одговори дека мора да ги смениме законите по европски терк.

Апсолутно е недозволиво и затоа работиме на законските измени. Она што, за жал, ни се повторува е дека мораме да побрзаме за вакви случаи да нема во иднина. Прашањето може да го поставите до Судскиот совет, одговори министерот за правда Филков.

Од Судскиот Совет ни потврдија дека по вчерашните реакции на јавноста, веднаш го побарале предметот и откако ќе го разгледаат ќе се произнесат.

Обвинителството ја прекина истрагата за дипломата на тетовскиот судија Ферати- инспекторатот утврдил дека ги преполагал испитите

Законски, по првостепената пресуда, жалба може да поднесе осудениот Пајазити или обвинителството кое досега не ја добило пресудата.

Меѓутоа, имајќи ја предвид висината на изречената казна, надлежниот јавен обвинител смета дека има основ за жалба. Конечната одлука ќе биде донесена по разгледување на образложението, ни одговорија од обвинителството.

Обвинетиот ја призна вината и доби две години затвор, иста казна како претходната правосилна пресуда од Апелациониот суд во Гостивар пред да биде вратен предметот на ново судење. Семејството не го прифати неговото каење.

Пајазити сметаше дека проив него има медиумска хајка, а одбраната тврдеше дека кога се случила несреќата, летна ноќ 2022-ра, било исклучено уличното осветлување, а знаците и пешачкиот премин биле избледени и не се препознавале.

За овие пропусти на локалната власт во Тетово, досега нема постапка. Но, тоа не е утеха за најблиските на Теодора кои две и пол години чекаат праведна казна за загубата, за на крај да се соочат со судска пресуда за која низ солзи порачаа „колку вреди човечкиот живот во Македонија“.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Обвинителството за сите 14 полицајци во истрагата за Кочани побара мерки на претпазливост, притворот укинат и на 7-те од првата група осомничени

Дејан Дејан

(Анкета)Битолчани и вечерва на протест против  Регионална депонија  

Дејан Дејан

Телма интервју со Еленко Миланов, адвокат на екс министрите за економија Бектеши и Незири за случајот во Кочани

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе