Да се спуштат царинските стапки дури и до 0. Ова е она што може да го понуди македонската Влада и на тој начин да проба да ја предомисли американската администрација да ја корегира новата повисока царина за увоз од Македонија.
Министерката Кочоска рече дека главните преговори ги води министерот за надворешни Муцунски и дека тој најдобро знае кога би можело да има повратен одговор, иако очекува тоа наскоро да се случи, по што точно ќе се утврди како ќе се делува.
Но, она што за сега стои како опција е намалување на царините за увоз од САД, одлука која Кочоска тврди дека нема да влијае на приходите во буџетот.
Досега, дел од економистите предупредија дека повисоката царина од САД ќе создаде проблеми на повеќе сектори и во домашната економија и побараа брза реакција. Но, министерката Кочоска тврди дека царината нема да донесе бран отпуштања во земјава.
И таа смета дека станува збор за грешка во одлуката на САД, иако првично од Владата соопштија дека новата повисока царина од 33 отсто за земјава е очекувана.
Според, податоците од Царинската управа, највисоката царина за увоз од САД која е наплатена е 15 отсто и се однесува за лешници, 7 проценти е за увоз на оружје, а за најголем дел на производи од таму, нема царина.
Инаку, откако САД ги соопшти новите повисоки царини берзанските индекси на светските берзи отидоа во минус. Истото се случи и со македонската берза.
Методологијата пак по која се пресметани новите повисоки царини на САД наиде на критики од многу светски економии и нобеловци.
Ирена Чачкова