Вести Култура

Промоција на романот „Спиј сега, ајде, спиј сега“ од Имануел Мифсуд

Промоцијата на македонското издание на романот „Спиј сега, ајде, спиј сега“ од наградуваниот малтешки автор Имануел Мифсуд ќе се одржи во четврток, 3 април, со почеток од 20:00 часот, во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар ‒ Скопје.

Книгата низ разговор со авторот ќе ја претстави Јулијана Величковска, која воедно е и преведувач на романот од англиски јазик. Изданието е на ПНВ Публикации, а неговата објава е поддржана од Малтешкиот национален совет за книги.

Романот „Спиј сега, ајде, спиј сега“ од Имануел Мифсуд тематски, главно, се занимава со сонот (и со неговото отсуство), но и со читањето, со сеќавањето… Поврзувајќи ги овие теми, во романот се појавуваат неколку љубовни приказни, со необични љубовни односи – како што е врската меѓу една добитничка на Нобеловата награда за литература и еден поет што, додека била млада, ја омаловажил и неа и нејзината поезија, па сега, кога веќе никој не се сеќава на него, таа бесплатно дели примероци од негов избор песни и останува нејасно дали тоа го прави бидејќи кон него сѐ уште чувствува љубов или омраза. Тука е и инцестуозниот однос помеѓу брат и сестра, чиишто родители живеат во сопствени паралелни светови – мајката последните години од животот ги поминува во сон, а таткото ноќе го посетува многу помлада девојка. Раскажана е и долгогодишната љубовна врска меѓу маж и жена што се среќаваат само еднаш годишно, секој 22 јуни, сѐ додека смртта не ги раздели.

Технички, романот има целосна намера да ги наруши сите книжевни правила на прозата – нараторот, кој (претпоставено) е и самиот автор, постојано вметнува и некои други приказни што не се дел од главната содржина на книгата. Нарацијата, започнувајќи во второ лице, преминува во прво, а потоа и во трето лице. Времето и просторот се неодредени. И некако, сите ликови чиишто приказни се раскажани во одделни поглавја, се среќаваат на крајот од романот.

Имануел Мифсуд (Малта, 1967) е една од водечките фигури на малтешката книжевна генерација по 90-тите. Неговите книги се нашироко преведувани, особено романот „Во името на таткото (и на синот)“ што беше награден од Европската Унија и преведен на единаесет јазици. Неговите најнови романи, раскази и стихозбирки, исто така, се преведени на многу јазици. Покрај прозата и поезијата, Мифсуд е автор и на две книги за деца. Во 2014 година, на Мифсуд му беше доделен „Орден за заслуги“ од Република Малта како признание од државата за неговите книжевни потфати, а во 2024 година ја доби и Националната награда за поезија што ја доделува Малтешкиот национален совет за книги. Мифсуд докторирал книжевност на Универзитетот во Малта, каде што предава современа литература и теорија на книжевноста.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Владата ќе купи 120 автобиси за јавниот превоз во Скопје и другите градови

Дејан Дејан

Притворениот обезбедувач на Мицкоски имал две дисциплински во МВР

Дејан Дејан

Препукувања помеѓу пратеникот Милошоски и министерот Филков – премиерот Мицкоски ги правда дека имале лош ден

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе