Непримерно однесување на навивачката група „Балисти“ пред натпреварот од Првата МФЛ меѓу Шкендија и Брера во Тетово. Минутата молк во знак на почит кон жртвите од трагедијата во Кочани, тие ја искористија за пеење и по некој свиреж додека фудбалерите на двете екипи стоеја мирно, во придружба на судиите, околу центарот на тревникот.
Сите натпревари од денешното 25. коло започна со минута молк за настраданите во дискотеката „Пулс“ во Кочани, меѓу кои беше и фудбалерот на Шкупи, Андреј Лазаров.
Веднаш реагираше Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Од Куќата на фудбалот информираа дека е отворена дисциплинска постапка против Шкендија, а на навивачите на тетовскиот клуб им порачаа да се огледаат на Шкендија Арачиново. Според Дисциплинскиот правилник, тетовци се соочуваат со суспензија на теренот за максимум 12 меча, натпревари пред празни трибини и парична казна.
„Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) отвора дисциплинска постапка против ФК Шкендија поради нечовечкото однесување на навивачите и непочитувањето на минута молк во чест на жртвите од трагичната несреќа. Овој чин претставува недопустливо непочитување кон загинатите и нивните семејства. ФФМ ќе преземе соодветни мерки согласно правилата со што ќе обезбеди вакви недолични постапки никогаш повеќе да не се повторат. За вакви нелуѓе нема место во фудбалот. Нека се огледаат на Шкендија Арачиново, која покажа достоинство и почит кон жртвите и целокупната ситуација во државата. ФФМ пред неколку недели веќе ги испразни трибините со гостински навивачи во Струга поради недолично однесување и тоа ќе важи за сите, без исклучок. Фудбалот мора да остане спорт на почит и достоинство“, се вели во соопштението на ФФМ.
Инаку, Шкендија на крајот славеше со 2:1 и ја зголеми предноста пред Силекс, на второто место, на четири бода.