Со малку залихи на храна и вода, без елементарни и достоинствени услови за живот верниците во Појасот Газа од рано утрово излегоа да се помолат. Молитвата ја испратија меѓу разрушени ѕидови во Кан Јунис за да го прослават светиот празник Рамазан.
Овој празник вообичаено го дочекуваа со полна трпеза од која се шират најубави мириси, собир на семејството исполнет со смеа и радост, но веќе втора година во земјата беснее војна која ја опустоши малата енклава, и која расели 90 отсто од популацијата која брои околу 2 милиони жители. Годинава наместо радост и смеа, семејствата се сеќаваат на изгубените членови.
Околностите на Бајрам оваа година, искрено кажано, се многу болни поради она што го трпи нашиот народ, и она што го изгубивме, од пријателите, семејството и најблиските, и она што го изгубивме од домовите во кои се чуваат многу спомени, но Бајрам останува чин на богослужба за време на која сакаме да им донесеме радост на децата и жените, вели Амар Ал-Акад, жител на Кан Јунис.
Нема радост, имам многу жртви во семејството, внук ми е еден од нив, нема радост и ништо нема вкус, како што можете да видите дури и кога се молиме се плашиме од звукот на воените авиони, раскажува Карима Шураб, жител на Кан Јунис.
За дел од населението денот наместо радост доносе тага. Утрово беше одржан погреб за момче кое беше убиено за време на израелските напади неколку часа претходно во кои загинаа најмалку 19 Палестинци во Газа.
Болницата Насер соопшти дека меѓу жртвите има девет деца и три жени. Две од децата, млади девојчиња, беа донесени облечени во нова облека купена за празникот.
Луѓето низ нашиот камп ја поминуваа ноќта мирно, нашите деца го чекаа утрото за да слушаат бајрамски молитви. Меѓутоа, во 12:25 часот бевме шокирани од ударите на непријателските авиони врз шаторите на невини, мирни, раселени луѓе, вели Омар ал-Кади, роднина на жртвите.
Војната во газа безнее веќе втора година. Краткиот прекин на огнот влеа мала надеж меѓу населението, но одбивањето на Хамас да ги прифати условите на Израел за продолжување на втората фаза предизвика нови ужаси и стотици убиени во најновиот налет на израелската армија.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави уште пожесток притисок врз Хамас.
Функционира воениот притисок. Функционира затоа што делува истовремено – од една страна ги уништува воените и владините капацитети на Хамас, а од друга страна создава услови за ослободување на нашите заложници. Токму тоа го правиме сега, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Хамас сè уште држи 59 заробеници – од кои 24 се верува дека се живи – откако повеќето од останатите беа ослободени со прекини на огнот или други договори. Според тврдењето на Министерството за здравство во Газа кое е под контрола на Хамас во израелската офанзива досега загинаа над 50.000 Палестинци. Израел соопшти пак дека убил околу 20.000 милитанти, без притоа да обезбеди докази за ваквите тврдења.
Александар Петрески