На денешното рочиште за случајот со убиствата на Вања и Панче се изнесуваа исказите од истрагата на каратистот Боре Видевски. Тој на досегашните рочишта негираше негова инволвираност во случајот и негираше вина за двете обвиненија за грабнување и за убиство.
Тој досега тврдеше дека за време на убиството на Жежовски бил на работа, а за време на убиството на Ѓорчевска спиел во седиштето на партијата „Десна“ во Скопје до 10 часот, по што си заминал дома во Велес.
Денеска во судница, Видевски изјави дека не може да потврди дали на 13 ноември 2023 година Велибор Манев му испратил фотографија од Панче Жежовски, објаснувајќи дека било „можно“, но не е сигурен, бидејќи ги игнорира сликите што не се поврзани со него.
Во неговиот исказ, Видевски потврди дека не бил на работа на 22 ноември во Велес, иако не се регистрирал и дека не се возел во Цитроенот на Жежовски. Таа изјава се разликува од првичните изјави дадени во полиција и обвинителството.
Пред Видевски сведочеше второобвинетиот Велибор Манев, кој ги призна злосторствата и го посочи Боре како соучесник. Тврди дека убиствата на Панче и Вања ги извршил Палчо, а девојчето било грабнато по грешка. Манев посочи и дека Александар Ѓорчевски е невин, но го пријавил под присила.
Сега преостанува да бидат сослушани и обвинетите Влатко Кешишев, Александар Ѓорчевски и Љупчо Палевски.