Најмладиот од 17-те пациенти повредени во пожарот во Кочани кои се лекуваат во Универзитетскиот клинички центар на Србија во Белград има 17 години, а најголем бро од згрижените се на возраст од 20-тина години, информираше за РТС, др Милан Стојичиќ, директор на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија во Центарот.
Во најтешка и критична состојба се двајца пациенти на механичка вентилација додека двајца се оперирани, изјави Стојичиќ кој вели дека пациентите иако се на интензивна нега се во добра состојба и постоперативно се опоравуваат.
-Нивниот постоперативен тек се одвива без проблеми. Наредната недела веројатно ќе бидат оперирани уште пет-шест пациенти. Имам и добри вести, неколку пациенти веројатно ќе можат да бидат префрлени на одделение бидејќи успешно се опоравува нивната респираторна функција, а раните од изгорениците се такви што не бараат престој на одделението за Интензивна нега, изјави Стоичиќ за РТС.
Тој наведе дека кај пациенти кои веќе се оперирани, процедурата опфаќа отстранување на девитализирано ткиво и покривање со автотрансплантација, што значи дека нивна сопствена кожа се зема од други региони и се пресадува на изгорените места.
На еден пациент ќе му биде извршена нова операција за околу пет дена на другата рака.
Според него, за оние на кои им претстои операција, нема да бидат потребни донатори на кожа.
По операција, конечниот резултат обично се забележува за 14 дена, а потоа следи фаза на опоравување со помош на физикална медицина. Покрај пациентите од Кочани постојано има лекари анестезиолози, специјалисти по интензивна нега, пулмолози и бронхолози. Пациентите секојдневно добиваат и психијатриско-психолошка поддршка.
Бидејќи се на интензивна нега не им се дозволени посети, а роднините покрај телефонски, секој ден во 13 часот добиваат информации од лекарите кои се грижат за нивните блиски.
Во Србија се пренесени вкупно 30 пациенти од пожарот во Кочани – 17 се во Центарот, 12 на ВМА и еден во Ниш.