Траорна тишина завладеа синоќа на плоштадите низ цела Македонија, некогаш најбучните места сега обвиени во црно и заробени во плач. Граѓаните на Кочани бараат ослободување на приведените нивни сограѓани за кои велат дека спасувале деца заробени во огнот, но истрагата од нив бара одговорност за страотниот пожар во кој згасна животот на 59 млади луѓе.
Со нивните фотографии во рацете и извици „Убијци, убијци“, „Сакаме правда“, реки луѓе бараат промени во системот за кои велат дека требало да се случат многу порано. Според познавачите на состојбите, непочитувањето на законите и повеќедецениската корупција доведоа до незапаметена трагедија во Македонија.
Скопскиот плоштад беше полн, но најтивок досега. Kој со светлата од телефоните, кој со запалени свеќи, скопјани оддадоа почит за жртвите од Кочани.
И битолчани излегоа на улица. Mаршираа низ градот со повици за одговорност. „Или се селиме или живи гориме“, „Рацете ви се крвави“, „Сите сме во иста дискотека веќе 35 години“. Со овие пароли граѓаните се движеа по битолски Широк Сокак на протестен марш под мотото „Корупцијата убива“. Со болка и тага им одадоа почит на жртвите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Извикот бараме правда одекнуваше низ главната битолска улица.
Атмосферата е траорна насекаде. Тагува, Тетово, тагуваат Охрид, Штип, тагува и Струмица.